Како дојде до тоа да се најдеш во сферата на коментирање фудбалски преноси?
- Како студент на факултетот за физичка култура го следев спортот и повеќе од една година волонтирав, бесплатно работев во телевизијата РТА која беше претходник на Телма телевизија. По извесно време беше потребен човек во спортската редакција и случајно сестрата на тогашната моја девојка а денес сопруга ме советуваше да се обидам. Никогаш немав план или замисла дека ќе станам коментатор. Сакав да бидам тренер.
Прво па машко, Серија А – италијански фудбал?
- Сè започна во ‘96-та година, на полусезона. Тогаш италијанскиот фудбал беше најпопуларен. Како што денес одат во Шпанија и во Англија, тогаш најскапите ѕвезди одеа во Италија. Дојде Дар-Мар (Дарко Марковиќ) за директор на Телма и прво што праша е кое првенство да го откупиме? Го предложив италијанското, затоа што беше најпопуларно. Беше многу скапо, и тогаш бевме први кои откупивме легално тв права за пренос на некое првенство. Целата работа беше нова за сите нас, како во преговорите, така и во организацијата. Бевме толку неискусни во преговарањето што не знаевме дека во првите две недели можеш да ја спушташ цената, мислевме дека е фиксна. На крај се најдовме некаде на средина. Почнавме со еден термин од втората полусезона 1996-та и од старт беше многу интересно. Половина од лигата се бореше за Европа, половина за опстанок, една Болоња беше тешко да се победи.
Преносите од италијанското фудбалско првенство беа права викенд доза за секој љубител на Серија А. Во време кога Интернетот беше слабо развиен, а со него статистиките беа потешко достапни од денес, колку беше изводливо да се направи еден квалитетен пренос?
- Кога почнавме ние, беше тешко достапен. Ни доаѓаше Газета дело Спорт во дел од тобаката, но доаѓаше со ден закаснување. Телма ни плати претплата и од тој весник можевме да се информираме, бидејќи Газета по мене е еден од најдобрите весници. Кога ќе го отвориш имаш околу 40 страни за читање и дражта беше голема.
Во жарот на ривалството кога нивниот тим ќе примеше гол, навивачите на Јувентус, Милан, Лацио, Рома знаеа да кренат слушалка и да вртат во Телма со цел да поразговараат со човекот кој зборувал „лошо“ за нивниот тим и наводно „им направил малер“ да примат гол. Паметиш ли некоја од тие анегдоти?
- Обично на почетокот грешеа, мислеа дека навивам за Милан, сè додека јавно не кажав дека навивам за Интер. Па имаше случаеви, коментирам пример Лацио – Рома, се јавуваа едните со прашање зошто навиваш за овие, па потоа другите зошто навиваш за нив. Во зависност од резултатот едните мислеа дека навивам за другите.
Сепак вешто долги години успеа да сокриеш за кого навиваш и во секое маало имаше нагаѓање од типот „Знам за кого навива, верувај ми“.
- Најчесто мислеа дека сум за Милан, што никогаш не беше случај. Навивам за Интер од денот кога Панчев потпиша за Интер и уште тогаш клубот ми стана симпатичен. Уште пред да станам коментатор, како студент, навивав за Интер.
Се случило ли некогаш да имаш непријатни дофрлања и незгодни ситуации во театар, во кино, во градски превоз, на улица, во маркет?
- Често се случувало, меѓутоа најчесто ме препознавале како човекот што коментира италијанско. Кога плаќам паркинг или во банка нешто, по гласот ме препознаваа затоа што тогаш не излегувавме многу на екран. Имало случки повозрасен човек да ме застане па да ми расправа за фудбалот, што е во принцип симпатично. Негативни реакции сум имал од навивачи на Јувентус кога играл против пример Џенова или Верона, па не сум требал да го кажам тоа така, туку вака и наводно тонот на гласот открил дека не ги сакал Милан, Јувентус, Рома итн... Секој слуша онака како што сака да слушне, се работи за навивачи.
Како ги биравте преносите? Имаше поплаки и во тој дел, затоа што ретко кога сите беа задоволни од изборот.
- Да, се јавуваа и за тоа. Поготово последните 6-7 години кога веќе имаше 5 термини. Порано имавме само 3 термини (саботаво 20:30 еден и во недела два). Проблем настануваше во недела кога ќе дојдеше 15:00 часот. Добивавме од италијанската федерација меч а, меч б и уште еден да бираме од тие три. Првите две години потпишувавме договор кој меч кое коло го пренесуваме, однапред ги биравме, затоа што немавме ексклузивно право првите две години (и МТВ едно време имаше натпревари од 15:00 часот). Подоцна откупивме екслузивна основа, само ние и никој друг да не пренесува. Кога ќе дојдеше да се бира меѓу меч а и меч б и кога ќе одбереш на пример а, секогаш имаше некој помалку задоволен зошто не е мечот б. Со петте термини веќе биравме кој натпревар сакаме, и се случувало на коло две пред крајот ако сè освен опстанокот е решено да се одлучиме за пример Емполи – Киево.
Кога најмногу се бунеа за изборот?
- Со сигурност кога Пандев играше во Наполи, Интер и претходно во Лацио. Го фаворизиравме тимот каде играше Пандев бидејќи беше единствен наш играч во Серија А. Тоа го правеа сите поголеми држави, поготово Турците кога играа Хакан Шуќур, Умит Давала и Србите со Станковиќ и Михајловиќ. Не отстапивме од идејата за пренос на Пандев и покрај бурните реакции зошто мора само Пандев, дајте нешто друго. Останавме доследни, иако секогаш се случуваше ако играат Јувентус – Милан и Аталанта – Лацио, да се одлучиме за дерби натпреварот. Подоцна веќе имавме и мултипренос, ги земавме фреквенциите од тој меч каде игра Пандев, но и тогаш имаше незадоволни. Никогаш не можеш комплетно да им угодиш на сите.
Има ли некој гаф од преносите кој посебно го паметиш?
- Сигурно имало гаф. Поготово со судијата Таљавенто, ние го викавме Таглиавенто (на италијански се пишува Tagliavento, а се изговара Таљавенто). По извесно време се јави еден повозрасен човек кој знаел италијански, па ми објасни како се читаат играчите, затоа што никогаш не сум имал контакт со италијанскиот јазик. Никогаш не користев водич во преносите, бидејќи ми сметаше и Англичанецот и Италијенцот. Вториот многу збори, а првиот ги грешеше имињата па ми сметаше во концентрацијата и не ги користев. Потоа се запознав со еден дечко што работеше во италијанската амбасада, па со него често контактирав кога имав дилеми со имињата и презимињата. На пример Скелото, Де Шиљо, Таљавенто... Имало такви ситуации често. Со Сидорф беше проблем на глобално ниво.
Која сезона најмногу ти остана во сеќавање?
- Дефинитивно сезоната со мечот Лацио – Интер, последно коло, кога Интер требаше да одигра нерешено или да победи за титула. Целиот стадион во Рим навиваше за Интер, со оглед на тоа што клубовите имаат братски односи. Мојот тогашен директор Ристо Лазаров беше и уште е голем навивач на Јувентус со кој се боревме за титулата. Интер поведе со 0-1 меѓутоа во 45-та минута Словакот Грешко направи грешка за 1-1. Во второто полувреме Лацио буквално намерно не шутираше на гол, меѓутоа шутна два пати случајно и даде два гола а Интер шутна сто пати и топката не влезе ниеднаш. Се сеќавам дека по тој меч, директорот преку еден колега ми прати шеќер и вода. По коментирањето излегувам и пред врата го гледам колегата ми носи шеќер и вода, вика ова ти е поздрав од Јувентус и од директорот. Интер не освои титула за малку и бев многу нервозен. И Роналдо плачеше тогаш на клупата, го извадија пред крај, целиот тим плачеше.
Потешко за коментирање беше Рома - Лацио и Милан - Интер или Емполи - Реџина?
- Најтешко е кога резултатот е 0:0. Најтешко, без разлика дали играле Милан - Рома, Интер - Јувентус. Имало натпревари во кои се доведуваш во ситуација да не знаеш веќе што да кажеш, затоа што е тој толку досаден што ти се приспива. Ќе кажеш сè во првите 45 минути и се надеваш ќе падне гол во второ за да кажеш нешто. После такви натпревари сум се чувствувал неизмерно уморен како да сум коментирал пет средби едно по други. Повозбудливите натпревари те носат. Се сеќавам на Лацио - Интер во Рим кога заврши 4-4. На тој дуел се менуваа во водство и едните и другите и да имаше уште 20 минути ќе паднеа уште 3-4 гола. Тешки се тие мечеви со 0-0 па макар играле и големите екипи затоа што гледачот очекува да му го направиш погледливо или послушливо но не е само до тебе.
Кој од повозрасните коментатори ти бил своевидна насока како треба да се пренесува?
- Дефинитивно Златко Калински поради динаминката што ја има во коментирањето. Не толку во поетските делови, колку во динамиката и возбудата. Зоран Јордановски исто, Атанас Костовски, па и Миленко Неделковски во тоа време. Тој беше специфичен како коментатор и поинаков раскажувач на нештата. Се обидов да украдам по нешто од сите нив, затоа што никогаш немав намера да станам коментатор.
Омилено службено патување?
- Бев во прилично многу земји. Не отидов во Словачка иако игравме неколку пати. Во сеќавање ми остана Англија во Саутемптон и голот на Шаќири. После мечот селекторот Џиџи Илиевски беше толку самоуверен, очекувано, што една камера од Скај Спорт одеше покрај него а тој ми се сврти и ми кажа „Е Бане не е лесно да си Илиевски во моментов“, затоа што и јас сум Илиевски но не сме во роднинска врска. На вториот меч со Англија во Манчестер со нас во авионот за назад беше и Тоше Проески, на неговата менаџерка ѝ беше роденден па не честеше виски, чоколади, пиво итн. Во зависност од резултатот е и атмосферата во авионот.
Ќе се врати ли дражта која што ја имаше италијанскиот фудбал?
- Некогаш ќе се врати, но ако погледнете статистички нивните клубови и натаму секоја година стигнуваат макар до четвртфиналето на европските натпреварувања. Репрезентацијата исто. Секој побрзо би ви наброил тројца италијански репрезентативци, отколку англиски. Шмекот на гестикулациите, одглумениот пенал, шарените трибини и кореографии... Ќе се врати еден ден, можеби нема да биде исто затоа што ни времињата не се исти, но ќе се врати.
Дали Бранко би му се вратил на коментирањето?
- Првата љубов заборав нема. Ми недостасува многу и би сакал некогаш повторно да коментирам.