Каква иднина го чека Новак, ќе смее ли да игра во САД, Париз, Мадрид, Лондон?

Нескриената голема желба на српскиот тенисер беше да ја приврши кариерата со уште еден голем пехар од Гренд Слем турнир и да стане единствен во историјата на овој спорт со дури 21. освоен таков трофеј. Што го чека во догледно време?

Откако судот во Мелбурн не му дозволи на Новак Ѓоковиќ да престојува, а со тоа и да настапи на Отвореното првенство на Австралија и таму да се бори за рекорден 21. Гренд Слем во кариерата, Србинот од Мелбурн преку Дубаи заминува дома.

Но некои прашања остануваат отворени. Дали и останатите земји каде се играат најголеми тениски турнири ќе му дозволат влез и учество ако не е вакциниран? Ќе биде ли спречен да игра на другите Гренд Слем турнири? Колку долго ќе му забрануваат пристап до тениските натпреварувања?

И секако, на крајот: што тоа ќе значи за кариерата на 9-кратниот шампион на Австралија Опен?

Во моментов Новак Ѓоковиќ (34), Роџер Федерер (40) и Рафа Надал (36) имаат по 20 освоени Гренд Слем пехари.

„Ѓоковиќ би можел да нема никакви проблеми ако одлучи да прими вакцина“, изјави Надал меѓудругото деновиве на бројните новинарски прашања што мисли за драмата на Новак со австралиските судски власти.

Генерално Србинот после секој Австралија Опен земаше неколку неделен одмор пред да се врати на големите АТП Мастерс турнири како Индијан Велс и Мајами - двата најпрестижни турнири после Гренд Слемовите, кои се играат први по АО, во март.

„Во САД, секој кој не е жител на САД а кој влегува во земјата мора да биде целосно вакциниран (најмалку со две дози) и да прикаже доказ за вакциналниот статус пред да се качи во авионот за Соединети Американски Држави, освен со некои исклучоци“, стои во правилникот за влез од Стејт Департментот.

После Индијан Велс и Мајами, сезоната се сели на европско тло, на земјена подлога. Прв престижен турнир после нив е Монте Карло каде Ѓоковиќ ја продолжи сезоната 2021 лани откако два месеци претходно на величествен начин ја освои 9. титула на Австралија Опен.

Според правилата во Монако, невакцинираните лица можат да влезат во кнежевството само ако покажат позитивен тест не понов од 11 дена и не постар од шест месеци, но притоа мора да поминат и период од карантин кој може да се намали преку негативни тестови.

По Монте Карло, АТП патувачкиот циркус се сели во Рим и Мадрид пред европската турнеја на земјена подлога да кулминира со големото Отворено првенство на Франција - Ролан Гарос во месец мај.

Невакцинирани лица смеат да влегуваат во Шпанија, Франција и Италија под разни околности, но со прикажување на ПСР или антигенски тест и секаде треба да се помине одреден карантински период.

Но пред да почне драмата на релација Ѓоковиќ - судски власти во Австралија, францускиот претседател Емануел Макрон агресивно и жестоко со употреба на вулгарен термин најави дека ќе им го отежни животот на невакцинираните лица во Франција.

Ова би требало да значи дека Ѓоковиќ, со оглед на тоа што е светски рекет број еден во моментов и јавна личност, да предизвика голема бура и во земјата на „галските петли“.

Иако зборовите на Макрон важеа повеќе за секојдневниот живот отколку за рестрикции со влез и излез од земјата, сигурно е дека Ѓоковиќ пред вториот Гренд Слем во 2022-ра би можел да има нови непријатности.

ШТО ЌЕ БИДЕ НА ВИМБЛДОН?

Новак Ѓоковиќ е актуелен крал на најпрестижниот тениски турнир на светот откако лани ја освои шестата титула на Вимблдон во кариерата.

На нешто помалку од шест месеци пред годинешниот Вимблдон, рано е да се каже какви и дали воопшто ќе има рестрикции до тогаш во Велика Британија.

Веројатно ќе има макар некаков развој на ситуацијата со глобалната пандемија кој ќе влијае ефективно на патувањето и големите спортски настани.

Во моментов не-вакцинирани лица можат да влегуваат слободно во Англија но претходно мора да поминат 10-дневен карантин пред слободно да можат да излегуваат ширум земјата. Исто мора да имаат и негативен тест пред патувањето во Англија и два ПСР теста на вториот и осмиот ден по влезот во земјата.

Запрашан дали би му дозволил на Новак Ѓоковиќ да игра на Вимблдон летово, премиерот на Велика Британија Борис Џонсон рече: „Важно е за австралиските авторитети да ги следат своите правила. Сè што можам да кажам за Новак Ѓоковиќ е јас верувам во вакцинација и мислам дека е прекрасно човек да се вакцинира“

Ѓоковиќ мора да плати парична казна и добива забрана за влез во Австралија

Каков ќе биде АО без Ѓоковиќ, може ли Рафа Надал до рекорден 21. Слем

Се огласи Новак по одлуката на судот

16 јануари 2022 - 13:14