Кој еднаш играл Football Manager знае што значи да се останува буден цела ноќ па да добие кец математика следниот ден или да падне испит за услов на факултет. Во најлош случај да ги бара каблите од компјутерот кој родителот бесно му ги фрлил од тераса.
Но има и такви кои манијакалноста за оваа игра во која си фудбалски тренер и буквално живееш таков живот (со незгодни прашања на прес конференција, со тактики, со трансфери, со преговори, со играч кој јавно вика дека не му се игра за тебе и слично), профитирале со работно место во реалниот живот.
Пред осум години, Мат Нил се пријавил на огласот за работа аналитичар во аматерскиот клуб Труро Сити. Отишол на пет-шест меча на овој тим затоа што теренот му бил блиску и затоа што знаел некои од играчите кои претходно играле во други клубови и решил да помогне.
Најпрвин пратил мејл во кој наведува и препорака од луѓето од Football Manager кои биле импресионирани од тоа како малиот Нил добро ги лови добрите и лоши карактеристики на играчите. Во мејлот тој им пратил и табеларни пресметки во Ексел со целата историја на играчите и статистички податоци за секој од нив.
„Само што наполнив 16 години, наместо да почнам да гледам што ќе учам во иднина, јас цело време го поминував со Football Manager. Цело време ја играв оваа игра, а мое најголемо достигнување е кога стадионот во Хадерсфилд на играта го именуваа по мене како најуспешен тренер во клупската историја. Да бидам искрен се исплашив кога сфатив дека годишно по 600 до 700 часа играм Football Manager. Во еден момент ги знаев буквално сите оцени посебно на фудбалерите“, признава Мат Нил за Гардијан.
Напорната работа со аналитичка статистика го донела во Плимут Аргајл, познат англиски четвртолигаш (Ligue Two) кој решил да го ангажира Нил како стручен помошник.
„Прв го земавме голманот Марк МекКалум кого некои играчи на Football Manager го паметат како неверојатен талент на Данди Јунајтед. Барав да го доведеме на проба и дојде летово, а кога го видов тоа ми беше најчудниот момент во животот. Никогаш не сум го видел лично а во играта ми донесе толку успеси“.
Мат е втор дечко до 16 години кои успеал да стане пребарувач за Football Manager. Тие обично бараат луѓе над 20 години кои имаат повеќе искуство на терен. Од познатите играчи кои тој лично ги оценувал за потребите на играта тука се: Лојд Џонс и Сем Галахер кои сега се во Премиер лигата со Ливерпул и Саутемптон, како и најголемиот талент во Англија У18, Лојд Саксон кој сега игра во шведскиот клуб ГИФ Сандсвал.
Најголемо признание за неговиот сенс за играч стигнал од Џо Мејсон кој сега игра за Вулверхемптон и кој додека Мат играл игра бил конференциски играч, а неколку години подоцна го дал првиот гол за Кардиф на мечот против Ливерпул во Лига Купот.
Младиот Англичанец уште игра Football Manager, иако паузирал некој месец затоа што направил „глупава одлука и го заменил Ајакс со кој освоил Лига на шампиони за Манчестер Сити, а сите знаат дека кога ќе го земеш Сити имаш многу пари и играта ти станува досадна“.