Мирослав Поповски - Мики (50), е едно од најпрепознатливите наши навивачки лица, без кое не поминува првенство во Македонија, без разлика на спортот. Сигурно го знаете и од преносите. Веќе шести ден е во Данска, каде стега палци за борбената селекција на Кире Лазаров.
Тој не гледа колку треба да се патува за Македонија и дали гостувањето е во Куманово или Копенхаген. За поддршка на нашиот национален тим до Хернинг отиде со автобус за што му беа потребни два дена, со еден пит стоп за преспивање во Прага.
Ова првенство му е број 30 во сите спортови, а од нив половина се ракометни. Доживеал купишта натпревари и успеси, како оние историските во Ниш, Вараждин, Задар, Каунас, Букурешт. Бил и на Мундијалот во Катар, каде Македонија го освои 9-то место. За Македонија има спиено и во старечки дом во Литванија, каде патувал со кола.

Мики, бројот 30 е фасцинантен. Што значи тоа во детали? Колку од нив се ракометни првенства и кои се другите? Што вели архивата?
Ракометни се 15 првенства, останатите се во другите групни спортови... Фудбал (младинско и сениорско ЕП), кошарка, ватерполо, одбојка, шах, квалификациски турнири за пласман на Олимписки игри, итн.
Да ја отвориме твојата приказна со првото гостување. Раскажи ни за дебито. Кога, како и каде почна ова твое долго спортско навивачко патување?
Мојата спортска приказна трае долго. Од мал патувам по натпревари и сум присуствувал на голем број секаде низ светот, но првото организирано патување со навивачи на македонската репрезентација беше во Вараждин, па во Задар на Светското првенство во ракомет во јануари 2009 година. Се организиравме со автомобили, имаше и навивачи кои дојдоа со автобуси, авионски, како и навивачи од околните држави, и првпат спонтано масовно се организиравме за поддршка на македонската ракометна репрезентација. Тоа даде резултат и продолживме во втората рунда во Задар. Атмосферата во Вараждин беше незаборавна, расположението беше на највисоко можно ниво, и тоа даде позитивен резултат и на терен.

Го паметиш ли првиот натпревар на гости?
Прво гостување ми беше дербито Партизан - Ѕвезда 3:2 на ЈНА, сезона 1982/1983. Радановиќ го даде голот за победа и од тогаш тргнав по натпревари. Татко ми го водеше Гостивар и организирано ги водеа играчите на дерби, а јас со нив. На 7 јануари 1993 со двајца школски другари ја формиравме навивачката група Гемиџии во Гостивар, како поддршка на фудбалскиот и кошаркарскиот клуб. Полека од навивач се префрлив во управата на КК Никол Ферт. На почеток како помлад многу често одев и на Маракана. Инаку Вардар ми е домашен клуб и сметам дека обврска е на секој од нас да го поддржуваме Вардар, секогаш и секаде. Горд сум и на тоа дека присуствував на првиот квалификацииот меч на нашата фудбалска селекција, против актуелниот тогашен Европски првак Данска, кога одигравме 1:1.
Каде и да гостува Македонија, таму си и ти. Од каде толкава страст за сите овие долгогодишни патувања?
Љубовта кон спортот и патувањата ми ги всади дедо ми, на кого сум и крстен. Тој многу следеше спорт и од мал ме носеше на натпревари. После тоа кога татко ми стана претседател на ФК Гостивар, постојано ги следев тие локални мечеви на клубот. Со станувањето на независна држава, Македонија формира и свои национални селекции во сите спортови и логично беше таа страст од локално да се пренесе на национално ниво.

Колку ве има во Данска и како се организиравте?
Нè има околу 500 Македонци. На првиот натпревар со Данска дававме максимална поддршка, но против 14.500 Данци, малку потешко ни одеше сето тоа. Но, затоа против Португалија играчите ја почувствуваа нашата енергија и тоа се виде на теренот и покрај сите неволји, проблеми и лошо судење, дојдовме до нерешен резултат кој за многумина е изненадување, но не и за нас, затоа што ние веруваме и ги бодриме нашите македонски ракометари.

Имаш ли стандардна екипа за патувањата? Кои ти се најверните другари во навивачките патешествија?
Имаме една навивачка база од повозрасни членови на навивачката група и сме во постојана комуникација пред секое патување и пред секој квалификациски меч. Постојано комуницираме и ги дефинираме сите аспекти пред, за, и после натпреварите или патувањата.
Како изгледа една организација? Колку време претходно е потребно за да се обезбедиш со билети, сместување и слично? Едноставно ли одат тие подготовки?
Сè зависи од важноста на натпреварот, дестинацијата кон која треба да се упатиме, начинот на сместување, видот на транспортните средства за да се стигне до крајната дестинација. Најбитно е дека имаме и максимална поддршка од сите спортски федерации во Македонија.

Како обично се организираат фан базите? Ви помагаат ли македонските федерации?
Фан базите најчесто ги бараме по места каде што сопственици или менаџери се Македонци. Со нив сме во претходна постојана комуникација и правиме заеднички страгегии за тоа како и на кој начин ќе ги пречекаме нашите навивачи пред натпреварот. Федерациите немаат ингеренции во фан-зоните, тоа е наша организација, а официјалните лица од федерациите секогаш се поканети да бидат гости во фан-зоната.

Со кои од нашите спортисти имаш комуникација и дали се случило некој да ти излезе во пресрет со билети?
Сме во комуникација со дел од нашите еминентни спортисти кои достојно нè претставуваат на спортските терени низ Европа и светот. Често ни помагаат и ни излегуваат во пресрет за билети и за логистика. Ќе наведам и конкретен пример, во 2009 година на градското дерби Лацио – Рома, Горан Пандев ми даде карта за во ложата на Лацио. Уживав во натпреварот, а Пандев беше играч на натпреварот и бев посебно горд што сум Македонец на трибините во Рим.

Кое е најголемото изненадување/успех кој си го доживел, а кое е најголемо разочарување?
Многу се успесите на кои сме горди во македонската спортска историја. Кошарката на ЕП во Литванија 2011 година, ракометарите на Вардар 2017 година кога беа шампиони на Европа, ракометарките на Вардар во 2019 година втори во Европа, сум бил и на ракометното ЕП во 2012 кога бевме петти и беше гордост да се биде Македонец во Ниш. Имаме и разочарувања, но не сакам да се сеќавам на нив.

Македонските навивачи веќе со години се препознатливи во гостинските сали и стадиони, по песните и гласното бодроње. Како гледаат во другите земји на вас како навивачи? Што велат искуствата?
Ќе почнам од последново првенство во Данска. Конкретно, на натпреварот со Португалија, сите Данци околу нас почнаа спонтано да ракоплескаат и да навиваат со нас и да ни даваат максимална поддршка. Истото се случуваше и во Полска, Катар, Србија, Хрватска, Романија, итн. Многу често ни се приклучуваат навивачи на други држави и навиваат во наш ритам. Имало и негативни искуства каде и не сме биле пречекувани најпозитивно, но никаде не сме правеле инциденти и проблеми. Освен вербално, не сме биле напаѓани на друг начин. На патувањата запознавам прекрасни луѓе, патриоти кои си ја сакаат државата, искрено и од срце. Даваат максимална поддршка на секој меч.

Каде си се чувствувал најкомотно и најдобредојдено?
Во бившите екс југословенски држави сме биле најприфатени. Имаме сличен менталитет и најблиски сме едни со други, и таму сме најдобредојдени.
Најголемата непријатност со која си се соочил?
Последниве три првенства имаме сериозен проблем со одземање на нашиот национален симбол, знамето со сонцето од Кутлеш, и тоа е нешто со кое се соочуваме како најсериозен проблем на секое првенство.

Ќе можеш ли да издвоиш едно првенство како незаборавно и посебно? Ако е тешко едно, може ли да направиш листа на топ 3?
Број 1 е Европското првенство во фудбал 2021 во Букурешт. Тоа беше остварување на сонот на една генерација навивачи кои го следат фудбалот како најважна споредна работа на светот. Сонот ни се оствари да ја видиме Македонија на Европско.
Број 2 е Евробаскетот во кошарка во Литванија 2011 година, каде за малку останавме без медал кој ќе беше круна на една многу успешна генерација на македонски кошаркаари.
Број 3 се ЕП во ракомет во Србија 2012 година кој беше круна на успешните игри на генерацијата предводена од Кире Лазаров, и европската титула на РК Вардар во 2017 година. Таква доза на среќа и навивачка еуфорија се доживува еднаш во животот.

Што ќе издвоиш како анегдота или некоја интересна случка?
Низ патувањата се случуваа многу интересни случи. До Литванија бевме со кола. Стигнуваме во Алитус, а таму во цел град само еден хотел. Во близина имаше старечки дом и таму спиевме со пензионери кои ептен не засакаа и ни даваа поддршка. Во Букурешт пак во стариот град, мештаните дури и ни ги отвараа становите за да ги истакнеме македонските знамиња во становите.
Инаку сум патувал многу и сум бил на многу натпревари. Во Јапонија гледав бејзбол натпревар, во САД бев на НБА, а во Амстердам го гледав Ајакс од ложа. Секаде сум бил одлично прифатен. На Светското ракометно во Шпанија 2013, во Севиља стигнав пред ракометарите и тоа сам. Нив магла ги фати. Бев на 32-рата титула на Реал кога си одеше Мурињо, како и на прославата на титулата на Барса, кога го испраќаа Чави.
