Илјадници ги пречекаа Ѓоковиќ и сребрените кошаркари во Белград

Веќе традиционално, на платото пред зградата на градското Собрание во Белград, десетици илјади навивачи дојдоа да ги поздрават златниот Новак Ѓоковиќ и светскиот вицешампион во кошарка. Ноле емотивен, се расплака како ретко кога и одржа емотивен говор.

Старо, младо, машко и женско вечерва пред градското Собрание во Белград. Голем број граѓани се собрал да ги поздрави српските спортисти: Новак, кошаркарите кои освоија сребро на Светско првенство и кошаркарите во 3х3 кои станаа европски шампиони по петти пат.

Церемонијата на пречекот почна со интонирање на химната на Србија „Боже правде“ во изведба на детскиот хор „Чаролија“.

Оваа традиција во Белград започна во далечната 1995-та година кога токму кошаркарите дојдоа со европско злато освоено со 42 поени на Саша Ѓорѓевиќ против Литванија на Сабонис.

Во време на опште-народен хаос, санкции, војни и сиромаштија, кошаркарската селекција на Србија буквално го одржала духот на граѓаните во тие мрачни времиња.

На Балконот дошол и Бориша Симаниќ кој доживеа тешка повреда и две тешки операции на Светското првенство во Манила каде Србија стигна до големото финале каде загуби од Германија.

Кошаркарите претходно во зградата на Претседателството ги примил претседателот Александар Вучиќ.

Тој рекол дека извесен јунак Хајрудин Реѓовиќ од Сјеница се пријавил да донира бубрег во случај докторите да побараат за Бориша Симаниќ кој тешко настрада на Мундобаскетот.

Прв се обратил капитенот на кошаркарите Богдан Богдановиќ кој рекол:

„Ви благодарам на сите што не дочекавте во олкав број. Не знам што би рекол после сите вас, особено што не сум некој говорник. Ова е сјајна група момчиња, една од најдобрите со кои сум соработувал. Ми беше чест да ги предводам како капитен“.

Потоа дојде најголемиот на сите времиња. Новак Ѓоковиќ. При самото излегување на балконот, пред овации од илјадници свои сонародници се расплака како никогаш.

„Добро вечер Србијо, добро вечер Белград! Фала ви што дојдовте во олкав број!

Пресреќен сум, немам што да кажам, а многу би кажал... Пред се да им честитам на баскеташите и на кошаркарите на феноменалните успеси, не само годинава туку низ историјата. Фала им што ме прифатија да бидам дел од ова славје и заедно да се дружиме вечерва. Ова е остварување на детскиот сон за мене од голема причина.

Како клинец бев тука во масата, ги славев големите медали од првенствата на кошаркарите, ватерполистите, одбојкарите, големите луѓе кои не претставуваа. Имав искуство да бидам на овој балкон неколку пати но вакво чувство веќе никогаш нема да ми се случи, сигурно. Стојам тука покрај големи шампиони, големи луѓе, пријатели... Зборував со нив, почуствував слога и заедништво, видов момент на човечност. Бориша... Бориша е херој на нацијата и заслужува сите да му скандирате!“, рече Новак.

 
12 септември 2023 - 21:56