Хрватскa направи подвиг во ватерполо, невиден во ниту еден друг спорт

Хрватска не е само Лука Модриќ. Не е само фудбал. Ова што го направија во ватерполо е уште еден пример зошто се двојат на Балканов.

Хрватското ватерполо имаше лето за историја, која е тешко повторлива. Три машки јуниорски репрезентации се натпреваруваа на најголемите натпреварувања и сите три завршија на врвот. 

Освоија две светски првенства и едно европско и тоа во три различни возрасни категории. Сте чуле ли друг да стигне до ваков успех и тоа во едно лето?

Репрезентацијата до 18 години стана светски шампион во Рио Мајор, Португалија, на почетокот на јули. За нешто повеќе од еден месец селекцијата до 16 години го освои Светското првенство во Загреб. Неверојатната серија ја заокружи националниот тим У-20 со титула на ЕП во Варна.

Овде никој не е нормален, напишаа од Хрватскиот ватерполо сојуз.

(4 јули) СП У-18: ПОРАЗ НА ПОЧЕТОКОТ, ДВЕ ДРАМИ СО ПЕТ ПОЕНИ И СВЕТСКО ЗЛАТО

Првото злато дојде на 4 јули во Рио Мајор, каде избраниците на Хрвоје Кољалин немаа совршен почеток на турнирот и загубија од Црна Гора со 16:12. Но тоа им беше прв и последен пораз на првенството.

Еден ден подоцна, го победија бранителот на титулата Унгарија со 12:9 и ја заврши групата со победа од 15:11 против Србија. Со две победи и еден пораз, се пласираа во четвртфиналето.

Таму ја победија Италија со 12:11, а потоа следуваше еден од најдраматичните натпревари на првенството, полуфиналето против Шпанија. По четири четвртини беше 14:14, при што Шпанците постигнаа гол на 4 секунди пред крајот и се изборија за пенали. 

Хрватска беше попрецизна во пенал-серијата и славеше со вкупен резултат од 18:17. Нардо Драгаш беше хрватскиот херој со 6 гола, а Хрватска беше без грешка во пенал-серијата.

Ако полуфиналето беше драматично, финалето против САД отиде чекор понатаму и тоа повторно на пенали. Ниту петте почетни серии не одлучија. Sе изведуваше гол за гол, а Хрватска славеше за конечни 21:20. 

Тоа беше втората титула светски шампион за Хрватска на таа возраст, прва по 2016 година. Никола Батош беше прогласен за најдобар голман на првенството.

(9 август) СП У-16: СЕДУМ ОД СЕДУМ ПРЕД ДОМАШНАТА ПУБЛИКА

Вториот златен медал дојде на 9 август во Загреб. Екипата на Бруно Сабиони влезе во првенството со проблеми со вирус за време на последните подготовки, што го спречи тимот да тренира како целина со денови. 

На тоа не се забележа на самиот турнир. Хрватска го отвори првенството со победа од 20:4 над Грузија, а потоа ги победи Австралија со 15:7, Малта 16:5 и Холандија 15:7.

Во четвртфиналето Хрватите немаа проблеми со Египет, кој го решија со 15:3. Многу потешка задача ги чекаше во полуфиналето против Србија. Тоа беше убедливо најнеизвесниот хрватски натпревар на турнирот кој заврши 12:11.

Во финалето се соочија со бранителот на титулата Шпанија, која ја добија со голем пресврт. Шпанците имаат 7:6, а потоа следуваше серија од 4 гола на Хрватите за конечни 10:7.

Ова е за нив прво светско злато до 16 години по седмите места на претходните две првенства.

За најкорисен играч беше прогласен Дени Сапе, кој интересно стана светски шампион во две возрасни категории. Нешто повеќе од еден месец претходно, тој беше дел од репрезентацијата до 18 години што го освои светското првенство во Португалија.

(16 август) ЕП У-20: ДВА ПОРАЗИ ВО ГРУПНА ФАЗА, А ПОТОА СОСЕМА ПОИНАКОВ ТИМ

Третиот дел од приказната е можеби најдобриот пример за тоа колку сè може да се промени за неколку дена на турнирите. Репрезентацијата до 20 години на тренерот Зоран Бајиќ не го отвори добро Европското првенство во Варна. 

Во првото коло загубија од Италија со 16:13, потоа ја победија Унгарија со 14:13, а групната фаза ја завршија со уште еден пораз, 16:14 против Грција. Два порази во три натпревари значеа дека Хрватска мораше да игра осминафинале.

Против Франција, сè изгледаше сосема поинаку. Славеа 21:8, а потоа во четвртфинале против Србија, во уште еден тесен натпревар, Хрватска беше подобра со 14:13.

Во полуфиналето се појави можност за реванш со Италија, која ја победи Хрватска во првиот натпревар од турнирот. Реваншот беше брутален со 19:11. Маро Сушиќ постигна 6 гола, а Виктор Тончиниќ ги погоди сите 4 удари. Тимот кој пред пет дена загуби од Италија со 3 гола разлика, сега ги победи со 8 во последниот натпревар.

Шпанија беше оставена за крајот. По изедначеното прво полувреме, Хрватска ги победи Шпанците во второто полувреме и со 17:14 го заврши неверојатното лето за хрватските јуниорски тимови.

Никола Батош, Нардо Скејиќ, Нардо Драгаш и Филип Рогиќ може да се пофалат со светското злато до 18 години и европско до 20 години. Во исто лето.

Оваа концентрација на резултати во три последователни возрасни категории ја покажува ширината што хрватското ватерполо ја има моментално.

20 август 2026 - 14:25