Луис Хамилтон ја продолжи низата победи, откако попладнево го запиша четвртиот триумф во серија, а деветти во сезоната. Втората позиција на патеката во Сочи му припадна на неговиот тимски колега, Нико Розберг, а трет беше Валери Ботас од Вилијамс. До 31-та победа во кариерата, Луис Хамилтон стигна со време 1:31:50:744, а Нико Розберг доцнеше 13 секунди.
Трката во Сочи почна возбудливо, затоа што на самиот старт Розберг успеа при првиот свиок да го претекне Хамилтон, но некоја минута подоцна Германецот имаше проблеми со пневматиците кои му се запалија, по што отиде во боксот. Од тој момент, Хамилтон ја продолжи доминацијата која почна од саботните квалификации и сега титулата му е на дофат.
Пред последните три трки во сезоната, Мерцедес има 556 бода, 223 повеќе од Ред Бул, а до крајот на сезоната на располагање се уште 168 поени.
Патувачкиот циркус на Ф1 продолжува за три недели, кога на 2. ноември градот Остин во САД ќе биде домаќин на трката за ГН.