Спортскиот комплекс „Форо Италико“ веќе 70 години е домаќин на најголемиот италијански тениски турнир. Кога еднаш ќе го видите цел овој комплекс, невозможно е да го заборавите.
Распростран на брегот на реката Тибар на највисокиот римски рид Монте Марио (неговата географска должина во Италија до 1960-те ја сметале за нулта меридијан), „Форо Италико“ се состои не само од тениски терени, туку и воден стадион на отворено, Мермерен атлетски стадион и Олимписки стадион каде играат Рома и Лацио.
Територијата на целиот комплекс ја украсуваат класични римски обележја: високи борови дрвја, мермерни статуи и мозаици во антички стил.
Но „Форо Италико“ (Италијански форум) освен како живописен спортски плоштад, познат е и како впечатлив дел од архитектурата и пропагандата на италијанскиот фашизам.
Градбата на „Форо Италико“ почнала на крајот на 1920-те и станала една од најголемите архитектонски проекти во епохата на Бенито Мусолини - а градежните амбиции на директорот практично биле ренесансни.
Форумот на почетокот го нарекле Форум Мусолини . Тој бил замислен во пресрет на Олимпијадата во 1940-та (Италија била кандидат, но ги организирала Игрите дури во 1960-та) да ги привлече во спортот членовите на Балила (младинска профашистичка организација формирана од италијанските воени власти за да се шири идеологијата на италијанскиот фашизам како идеологија со победнички дух).
Форумот бил подигнат како тренинг база на Фашистичката машка фискултурна академија (таму ден-денес се канцелариите на Олимпискиот комитет на Италија).
Академијата, основана во 1928-ма работела до крајот на војната - таму спремале нови генерации италијански фашисти кои биле должни идеолошки и физички да станат главна воена моќ на новата Италија. Во која било друга земја таква компромитирачка позадина како што има Форумот би бил вечен извор на срам.
Но не и во Италија. Прво затоа што изгледа величествено. Архитектурата на италијанскиот фашизам била инспирирана од монументалната древна архитектура и таа нота на антика го прави Италијанскиот форум убав (истото се однесува, на пример, и на фашистичкиот Дворец на италијанската цивилизација на периферијата на Рим каде од 2015-та година престојува модната куќа Fendi).
Во кругот на Мермерниот стадион има 60 псевдоавтентични скулптури на спортисти кои во 1930-те биле подарени на Форумот од разни италијански региони: тенисери од Парма и Рагуза, боксер од Кјети, пливач од Пуља, гимнастичар од Милано, лизгач на мраз од Болцано...
Уште неколку статуи стојат на дворот по име Никола Пјетранџели - некогаш централен терен во тенискиот комплекс на „Форо Италико“. Така бил наречен во чест на најдобриот тенисер во земјата - двократниот шампион на „Ролан Гарос“ до почетокот на новата Опен ера.
Во јужниот дел од Форумот се наоѓа денес заборавеното здание на академијата за мечување, проектирана од легендата на италијанската архитектура Луиџи Морети. Во центарот на форумот стои 17-метри и 300 тони тежок Обелиск Мусолини од скапоцен мермер од Карара. Во транспортот на овој тежок монолит учествувале дури 80 бикови.
Кога одите право од обелискот кон легендарниот стадион „Олимпико“ минувате низ фонтана која што е изложена со мозаици од античка иконографија, како и фашистичка симболика и натписи Дуче (Duce - војводата), „Нашиот Дуче“, „Дуче, нашата младост вам ви го посветува“ и слично.
Натписот „војводата Мусолини“ на 42-тони тешкиот обелиск ја симболизирал „силата на фашизмот“ и пред неколку години станал предмет на национална дискусија кога спикерката во италијанскиот парламент Лаура Болдрини предложила да се отстрани од обелискот зборот Duce кој асоцира на фашизмот на Мусолини (на Google мапите наречен е „Обелиск на Форо Италико“).
Предлогот наишол на снажен отпор во дел од италијанската јавност кој сметал дека не треба да се срамат од минатото и дека се чудни идеите за менување на историјата.
(нивниот аргумент звучи како оној „во Колосеумот Христијаните биле фрлани на лавовите и што сега треба просто да криеме за тоа“?)
The Telegraph еднаш го нарекол „фашистички луна парк“. Таму 15 години по завршувањето на Втората светска војна се одржани Олимписки Игри. На истото место на крајот од 2014-та тогашниот италијански премиер Матео Ренци ја објавил кандидатурата на Рим за организација на Олимпијадата 2024 - застанат пред фреската „Апотеоз на фашизмот“ на која Мусолини бил насликан.
Минатата есен The New Yorker прашал зошто во Италија има толку многу фашистички споменици и зошто никогаш не ги отстраниле? Тие со времето ја изгубиле својата актуелна политичка смисла, одговара реномираниот весник.