Ѓоковиќ и Надал ќе го бојкотираат Мадрид

На сината земјена подлога во Мадрид, Рафаел Надал беше сензационално елиминиран во осминафиналето, а Новак Ѓоковиќ побара помош од Чак Норис.

Светскиот рекет број 1, Новак Ѓоковиќ и второрангираниот Рафаел Надал се заканија дека следната година ќе го бојкотираат турнирот во Мадрид ако организаторите не ја сменат сината земјена подлога.

Рафал Надал беше шокантно елиминиран од сонародникот Фернандо Вердаско во третото коло, што претставува негова најрана елиминација на еден турнир од 2004-та година.

Како главна причина за неговата елиминација тој ја посочи сината земјена која според тенисерите е премногу мека и го отежнува движењето.

„Следната година или ќе стават црвена земја или јас ќе имам еден турнир помалку", изјави Надал за кого ова беше прв пораз по 22 победи во серија на земјена подлога.

Ѓоковиќ се пласираше во четвртфиналето со победата над Станислав Вавртинка, но и тој изјави дека ќе го бојкотира турнирот ако организаторите не ја вратат традиционалната подлога.

„За мене ова не е тенис. Требаше да облечам копачки за фудбал или да го повикам Чак Норис да ми каже како да играм на оваа подлога", изјави Ѓоковиќ.

11 мај 2012 - 13:31