Ѓоковиќ го скроти Алкараз и ќе игра 34-то Гренд слем финале во кариерата

Во спектакуларното полуфинале на Ролан Гарос, Новак Ѓоковиќ го совлада Карлос Алкараз со 3-1 (6-4, 5-7, 6-1, 6-1) и ќе игра во ново големо финале за историски и рекорден Гренд Слем трофеј. Карлос Алкараз во еден момент имаше силни грчеви и до крајот играше со половина сили.

Новак Ѓоковиќ ќе игра во големото финале против Каспер Руд кој убедливо го совлада Александар Зверев во вториот полуфинален дуел.

На мегданот Ѓоковиќ - Алкараз публиката гледаше лепеза прекрасни потези. Младиот Шпанец уште еднаш потврди дека иднината е негова и дека уште долго ќе доминира на тениските терени.

Новак го доби првиот сет со 6-3, а Алкараз одговори во вториот со 7-5 и најави спектакл на „Филип Шатрие“.

Но повредата, силните грчеви на мускулниот лист на почетокот на третиот сет го оневозможија Карлос Алкараз да продолжи да го пружа максимумот. Новак искусно и рутински го искористи тоа и со 6-1, 6-1 убедливо славеше на крајот.

Ова ќе биде седмо финале на Отвореното првенство на Франција за Ѓоковиќ кој за противник ќе го има фантастичниот Каспер Руд кој втора година по ред ќе игра во мечот за трофејот.

Од друга страна Ѓоковиќ ќе има историска шанса да стигне до рекордна 23-та Гренд слем титула со што ќе стане најтрофеен тенисер кога највредните титули се во прашање.

После мечот, Новак изрази голема емпатија за повредениот Алкараз:

„Навистина ми е жал за Карлос. Тој е прекрасно момче и мој добар пријател. Кога играте на ова ниво, грчевите и повредите се составен дел од животот. Тенисот е многу тежок и напорен спорт и сите знаеме што може да се случи кога физичкиот напор е преголем. Искрено се надевам дека многу скоо ќе заздрави и ќе продолжи со неговите сјајни игри.

Околу натпреварот, јасно беше дека мора да диктирам темпо, да бидам агресивен. Знаев дека ако му оставев простор, Алкараз може да ме уништи. Сервирав добро, играв одлично сет и половина. Потоа малку паднав физички, а тој влезе во ритам. Беше интересно, игравме израмнет дуел, а тогаш стигна повредата. Несреќа е да ви се случи нешто такво на ова ниво. Повеќе пати велев дека сакам да ја темпирам формата за Париз и успеав. Не е готово, остана тој последниот, најважниот меч. Се надевам дека ќе прикажам нова добра партија“, изјави српскиот ас. 

9 јуни 2023 - 21:39