Формула 1 се возеше додека паѓаа гранати и се води војна во близина па никому ништо

Изминатиот викенд се возеше трката за Големата награда на Саудиска Арабија, трка која што од претпоследниот слот од календарот беше префрлена на вториот па затоа паузата меѓу двете трки во оваа земја беше кратка.

Пред почетокот на викендот, големите телевизиски емитери планирале да потсетат на најпознатите моменти од последната трка во Саудиска Арабија кога Макс Ферстапен удри во еден заштитен ѕид кој сега беше поместен и дуелите со Луис Хамилтон, но овие сцени брзо сите ги заборавија уште од првиот тренинг кога огромни црни облаци од црн дим недалеку од автопатот во Џеда се спружија во преносот.

КОЈ И ЗОШТО ГРАНАТИРА ВО САУДИСКА АРАБИЈА?

Готово веднаш стана јасно дека она што се случи во преносот од квалификациите не е некој вид голем локален пожар, туку последица од ракетен напад врз рафинерија за нафта која го извела шиитската организација на Хутите кои пред неколку години ја презеле власта во соседен Јемен но не добиле признание од другите арапски земји.

Во помош на срушената власт притекнале соседните (како познато звучи ова од некаде) Саудиска Арабија, Бахреин, Кувајт, Јордан и многу други земји од регионот кои пратиле свои трупи во јужниот дел од Арапскиот полуостров.

Воениот конфликт на Саудиска Арабија со Јемен трае веќе 7 години и во Јемен се случува права хуманитарна катастрофа. Коалицијата предводена од Саудиска Арабија ги уништува воените постројувања на Хутите кои пријавуваат и масовни цивилни жртви, а побунениците целаат ракетни напади со дронови врз објектите за производство или преработка на нафтата од државната компанија Saudi Aramco.

Саудијците тврдат дека Иран ги снабдува Хутите со такво оружје (Иранците се сметаат за долгогодишен непријател на Саудиска Арабија во исламскиот свет) и тоа оружје од Иран допремено во Јемен е тешко да се уништи со конвенционални ПВО оружја.

Ракети од еден од овие дронови разнеле една голема нафтна рафинераија на Aramco која се наоѓа на 11 километри од тркачката патека за Формула 1.

ФОРМУЛА 1 НЕ САКАЛА ДА ЈА ОДЛОЖИ ТРКАТА

Веднаш после силниот ракетен удар во Џеда, почнале разговори на новиот шеф на Ф1 Стефано Доменикали со раководните лица од тимовите, со пилотите и со организаторите на ГП Саудиска Арбија. Тие разговори траеле длабоко во ноќта и завршиле дури после 2 часот после полноќ. На крај одлучиле трката да се вози без гајле а откажани се некои медиски настани за викендот.

Пилотите со право стравувале за безбедност на целиот Ф1 викенд, а некои морале долго да ги убедуваат дека таков ракетен напад нема да се повтори.

Главниот аргумент на Доменикали и промотерите на трката кој излезе во печатот бил отприлика ваков: „Организаторите гарантираат безбедност на сите учесници на ГП во Џеда зошто ракетните напади се вршат само врз нафтни рафинерии“. Некои возачи биле во шок по слушнатото.

„Тие (Хутите) гаѓаат само (нафтна) инфраструктура а не цивилна, особено не автопати. Ги проверивме сите овие факти и од највисоко ниво добивме уверувања дека ова место е безбедно. Ајде да се тркаме!“, рекол Мухамед Бин Сулајем, претседател на Меѓународната автомобилска федерација.

Чудно и парадоксално, но во оваа изјава на претседателот на Меѓународната автомобилска федерација се било вистинито: Хутите навистина долго време гаѓаат со ракети само нафтни рафинерии, но сепак кој може да помисли дека во таква ситуација би можел безбедно и мирно да се осеќа додека близу паѓаат гранати и ракети и дека нешто нема нив да ги погоди додека возат на патеката.

Секако дека Формула 1 не би помислила да се вози трка во така небезбедни услови да не им беше Saudi Aramco еден од главните спонзори кои им дава пари. Доменикали е мек шеф кој се плаши од поголеми „таласања“ на ситуацијата, шефот на Здружението на возачи Џорџ Расел (24, британски пилот од Мерцедес) е уште млад човек кој зборува гласно само со дозвола од шефот а единствениот човек кој би можел нешто отворено да каже, Себастијан Фетел седел дома во Швајцарија позитивен на тест.

Формула 1 очигледно не размислувала многу за безбедност. На крајот трката се возеше во Џеда, без сериозни последици за целиот патувачки циркус.

Славеше актуелниот шампион, младиот Холанѓанец Макс Ферстапен кој во финишот од трката го престигна Шарл Леклер и стигна до победа.  Бодови освоија уште и Џорџ Расел, Себастијан Окон, Ландо Норис, Пјер Гасли, Кевин Магнусен и Луис Хамилтон.

28 март 2022 - 11:57