Евгениј Поп Ацев го преплива Ла Манш

Македонскиот маратонец, Евгениј Поп Ацев, испиша уште една убава страница во историјата на македонскиот спорт и направи голем подвиг во незгодниот канал помеѓу Франција и Велика Британија.

Тројниот светски шампион во маратонско пливање, Евгениј Поп Ацев го преплива Ла Манш со време од 9 часа и 43 минути.

Тој влезе во славно друштво на само петмина Македонци на кој им успеал овој подвиг. Другите се Нико Нестор во 1959 година, Атина Бојаџи во 1969, Томи Стефановски во 2009 и Игор Димовски во 2010-та.

„Големи честитки до Евгениј Поп Ацев од Македонија, кој се натпреварауваше во пливање преку каналот и оствари одлично време од 9 часа и 43 минути. Евгениј е трикратен светски првак и беше примен во меѓународната Сала на славни во маратонски пливање“, се вели во информацијата на Асоцијацијата на Пливање.

Ла Манш претставува еден од најголемите предизвици во маратонското пливање, познат по своите силни морски струи, ниски температури и непредвидливи временски услови. 

Затоа ваквото достигнување претставува исклучителен спортски подвиг и доказ за извонредната подготвеност, упорност и ментална сила на Поп Ацев.

Поп Ацев веќе е познат како еден од најуспешните македонски маратонци со бројни победи и настапи. Првиот обид да го преплива Ла Манш му беше пред две години.

26 август 2025 - 08:14