На Фејсбук утрово ни се појавија нотификација која ептен не израдува, а се однесува на страницата СПОРТ на МТВ. Спортски настани нема за лек, ама Драгче соопшти дека сепак ќе има. Што е муабетот?
МТВ го лансира она што до сега беше во тест фаза, а тоа е новиот канал кој стартува денеска. Ќе биде од спортско – забавен карактер, потоа ќе има филмови и серии, како и музички и забавни програми во продукција на Македонската радио телевизија.
Со оглед на тоа што сè е замрзнато, јавниот сервис ќе стартува со репризи, ама доста атрактивни репризи, како што се настапите на Вардар на последниот фајнлфор во Келн, Мундијалот од Русија 2018, како и отворањето на Зимски Олимписки игри. Топ. И не само тоа.
„МРТ-3 нема да биде само спортски канал, но ќе понуди нешто што специјализираните спортски канали во моментов не можат. Како членка на Евровизија, МРТ обезбеди ексклузивна можност да ги реемитува претходните светски фудбалски првенства, додека партнерството со Интернационалниот Олимписки Комитет и дава шанса повторно да и ги понуди на публиката претходните олимписки игри. Затоа, во наредните денови ќе ги освежиме сеќавањата на фудбалскиот Мундијал во Русија 2018 со потсетување на сите 64 натпревари, а ќе се навратиме и на најголемите возбудувања од најатрактивните настани на ЗОИ во Пјонгчанг 2018“.
Очекувајќи што поскоро да прекине спортскиот мораториум на глобално ниво, а негувајќи идеја со тек на времето да напредува, да расте и да се надградува, МРТ-3 ќе ги обнови спомените од последниот период и од ракометната ЕХФ Лига на шампионите, од ракометната СЕХА Лига, како и од сите други спортски натпреварувања за коишто располага со ТВ-права за тековнава сезона (кошаркарската НБА лига, хокејарската НХЛ лига, ИСУ сезоната во уметничко лизгање, италијанскиот и францускиот фудбалски шампионат).
Сите овие содржини ќе се испреплетуваат во ударниот термин од 16 до 24 часот. Оние коишто ќе го пропуштат првото емитување, ќе имаат уште две можности да ја погледнат истата понуда - од полноќ до 16 часот наредниот ден“.