По настапот на спринтот на 1.800 метри, Дамјановски денес учествуваше и на трката на 15 километри класично, дисциплината која е негова специјалност.
Нашиот претставник според пријавеното време тргна од 79-та позиција од 92 натпреварувачи колку што требаше да се појават на стартот, а на крајот заврши на 81-то место.
На крајот Дамјановски патеката ја заврши со време 48:34.9, односно заостанување од 10:05.2 минути зад првопласиораниот. Швајцарецот Дарио Колоња го одбрани златото од минатите Олимписки игри откако денес триумфираше со време 38:29.7 минути. Зад него со 28.5 секунди заостанување заврши Јохан Олсон од Шведска, а неговиот сонародник Даниел Рикардсон ја освои бронзата со време 39:08.5 минути.
Зад Дамјановски останаа рекреативци од Ирска, Аргентина, Бермуда, Индија, Непал и Перу. Трката не ја започна скијачот од Ерменија, а четворица други не успеаа да ја завршат трката.