Бадминтон како спорт е малку популарен во Европа и САД, но затоа во азиските земји се следи со големо внимание, а овој спорт од 1992-ра година е дел од Олимписките Игри.
Малезиецот Ли Чонг Веи, најдобриот бадминтон играч во последните години, во Азија е популарен исто како Новак Ѓоковиќ. Ли е двократен освојувач на сребрен медал на Олимписките игри и беше еден од фаворитите за злато на ОИ во Рио де Жанеиро.
Беше, затоа што пред две недели падна на допинг тест во својата земја. Спортските власти во Малезија откриле дека е позитивен на дексаметазон (се користи против воспаленија) и го суспендираа на 2 години. Случајот со Ли не е единствен во овој спорт, затоа што бадминтонот годинава го пратат многу скандали и важи за најкорумпиран спорт.
Во јуни годинава, за време на Јапан Опен, на двајца дански играчи им понудиле 2.500 евра за да наместат натпревар. Осомничениот бил од Малезија, а двајцата играчи, Ким Аструп Соренсон и Ханс Витингус го пријавиле целиот случај во BWF (betting whistle blower), организација која им овозможува на играчите анонимно да пријават понуди за местење резултат. Имињата на данските играчи беа откриени во данските медиуми во октомври.
2.500 евра можеби не се толку многу пари, колку што се големи последиците. Витингус е 10-ти играч на светската ранг листа и доколку се мести со него како играч од Топ 10, што е со послабо рангираните играчи во пирамидата?
Францускиот Ле Експрес, во јуни објави дека местењето во бадминтон е толку распространето, што играчите што испаѓаат порано со штелуван резултат заработуваат неколку илјади долари повеќе од оние кои играат легално до крајот.
Местењата воглавном се вршат преку онлајн обложувања, така што на полицијата ѝ е тешко да им влезе во траг на местачите. Иако од 2010-та година, францускиот ловец на сомнителни сајтови за обложување АРЖЕЛ блокирал 65 веб страни, местачите ги префрлаат страните на друг домен и си продолжуваат со обложувањето.