Црномурниот јунак кој постави рекорд и освои злато пред очите на Хитлер

Филмот Molly’s Game (2017) во кој има интересен дијалог за атлетичарот Џеси Овенс ја инспирираше светската јавност да се потсети на легендарниот Американец кој во многу опасно време станал главен херој на берлинската Олимпијада во 1936 година.

Во ложата на Олимпискиот стадион во Берлин во 1936-та година стоел Адолф Хитлер кој решил да организира грандиозна Олимпијада. Но неговите планови за докажување на митот за „ариевска раса“ ги изјаловил неверојатниот Американец Џеси Овенс. И тоа во рекордно време.

Овенс на Олимпијадата во Берлин освоил четири златни медали (во трките на 100 и 200 метри, во скок во далечина и во штафетно 4х100 трчање).

Џеси го запаметиле сите, а неговите победи биле тежок удар за расната теорија на нацистичка Германија.

ЖИВОТОТ НА ЏЕСИ ОВЕНС

Џеси се родил во семејство на црномурни робови и десетина година страдал заедно со најблиските (биле 10 браќа и сестри) од расната дискриминација во САД. И покрај сите социјални неправди, Овенс благодарение на својот спортски талент успеал да обезбеди учество на Игрите во 1936-та.

Во тоа време во Берлин Евреите и црномурните луѓе не биле добредојдени, но власта на Хитлер им дозволила да учествуваат.

Хитлер од почетокот на Олимпијадата доаѓал само на церемониите за доделување награди, каде можел да им честите на спортистите од „својата“ раса. Него го гневеле триумфи на луѓето „чии предци излегле од џунгла“.

Но Германија се вљубила во Овенс. Во Берлин тој се чувствувал покомфорно отколку во Америка. Ниту претседателот Рузвелт, ниту неговиот наследник Труман не го викнале Џеси во Белата куќа. Тој живеел речиси во сиромаштија.

Неговите заслуги биле признати дури во ’50-те години, а после неговата смрт претседателот Картер кажал: „Ниту еден спортист толку снажно је симболизирал борбата против тиранијата, бедноста и расниот фанатизам“.

Како мал со своето семејство се сели од страшниот расистички Оуквил, Алабама во Кливленд, Охајо, како дел од Големата миграција во која преку 1,5 милиони Афро-Американци побегнале од расната сегрегација на Југот во индустрискиот Север.

Кога тргнал во школо во Кливленд, наставничката за да го внесе во дневникот, го прашала како се вика:

„Џеј Си, мис“, одговорил малиот Овенс. -Аха, значи Џеси“, запишала учителката без да примети дека малиот го изговорил своето име на јужњачки акцент, па од тогаш му останало името Џеси (правото име од раѓање му било Џејмс).

Детството го поминал во трауми од расната сегрегација, црномурните луѓе ги сметале за граѓани од втор ред. Малиот Џеси секој ден растоварал вагони, помагал, носел роба и се трудел да им се најде на своите.

Во исто време гледал со каков презир белците се однесуваат кон црномурните луѓе на кои им биле забранувани многу нешта.

Симбол на борбата и отпорот против расизмот станал легендарниот боксер Џон Џонсон - првиот Афро-Американец кој станал државен шампион од 1908 до 1915 година.

Малиот Џеси мечтаел еден ден да стане уважен и почитуван како големиот боксер Џонсон. Овенс имал желба да ја побие тогашната теорија дека црномурните не можат да се натпреваруваат рамномерно со белите луѓе.

И во таа намера му помогнал, сосема спонтано, атлетскиот тренер Чарлс Рајли, кој патем бил белец.

Набрзо се вљубил во школската другарка Мини Рут Соломон која често ја испраќал до дома. После неколку години ја запросил а таа прифатила да се омажи за него.

Во тоа време поради сериозни проблеми со здравството за црномурните луѓе кои немале соодветна медицинска помош а притоа ниту контрацепција, Џеси и Мини станале родители уште во 1932 година кога тој имал 19 години а девојката 17. Добиле ќерка по име Глорија.

Во меѓувреме напорно тренирал со тренерот Рајли кој во Џеси видел иден шампион. Колегите на Рајли (поранешен работник на шахти и канализации а подоцна наставник по физичко во школото Fairmount School), му се чуделе како можел да „го сквернави“ својот дом и да вика на гости црнец.

Првиот голем триумф Џеси Овенс го остварил во 1933-та година кога поставил светски рекорд на 91 метар - ги истрчал за 9,4 секунди. Набрзо поставил рекорд и во скок во далечина - скокнал 7,56 метри.

Поради тоа добил покана да се појави на турнирот National High School Championship во Чикаго.

Кога Универзитетите сфатиле каков бисер е Џеси, почнала борба за негово присвојување. На крајот тој се запишал на Ohio State University. Но и таму продолжиле расните дискриминации, а Џеси го навредувале секојдневно.

Не смеел да оди ни во кино, ни во јавни тоалети, ниту во еден ресторан на High Street.

НОВ ТРЕНЕР И УРИВАЊЕ ТРИ СВЕТСКИ РЕКОРДИ ЗА 45 МИНУТИ

По извесно време Џеси Овенс добил нов тренер - мајсторот Лари Снајдер. Тој го научил Џеси на далеку подобар страт на трките отколку претходно.

Набрзо станал еден од најбрзите атлетичари на државно ниво и го назначиле за капитен на универзитетската екипа што само по себе било голема чест за Афроамериканец во тоа тешко време. Претходно во Охајо немало таков случај.

На еден турнир не му дале да јаде затоа што се плашеле од реакција на властите, па тој се тркал гладен и победил убедливо.

И покрај успесите не му плаќале стипендија и тој самостојно ги подмирувал трошоците од заработката на работа.

Откако во 1935 година за 45 минути срушил дури три светски рекорди на турнирот Big Ten Competition во Мичиген, властите во САД решиле да го пратат на Олимпијадата 1936 во Берлин каде Хитлер и неговиот министер за пропаганда Јозеф Гебелс спремале се за почеток на Игрите.

Хитлер на почеток не сакал никаква Олимпијада, сметал дека имаат поважни државнички работи и не сакал „Евреи да се натпреваруваат со неговите сонародници“, но Гебелс му кажал дека во другите репрезентации, особено во селекцијата на САД има и црномурни и Евреи, поради што ќе има гласни реакции во цел свет.

„Факелот, кој во Берлин доаѓа од грчкиот Олимп покажува дека Германците имаат ариски корени“, гордо велел министерот за пропаганда Гебелс.

Меѓу германските организатори имало и луѓе кои „ги исмевале“ Американците како наводно праѓаат „нелуѓе како Џеси Овенс“. Ваквиот однос ги разбеснил американските власти кои го бодреле Овенс да му покаже на Хитлер што знае. Заедно со Овенс на Олимпијадата во селекцијата на САД имало уште 18 Афроамериканци.

Од друга страна, обичниот германски народ немал никаква одбивност кон црномурните луѓе и Џеси бил убаво пречекан при слетувањето во Берлин. Правел многу нешта кои во татковината му биле ограничени и бил права ѕвезда. Уште првиот ден дал толку автограми што раката му се здрвила.

Обичниот Германец бил гостопримлив кон учесниците, но такви не биле и луѓето на Хитлер. Во еден момент Ади Даслер, идниот основач на гигантот adidas му пришол на Џеси и му предложил да носи германски патики кои ќе го одведат до златниот медал.

ПОЧЕТОК НА ИГРИТЕ И ТРКИТЕ

Адолф во многу градови во Германија бил сметан за идол. На стадионот во Берлин имало фашистички симболи со орел и свастика. Целиот стадион салутирал а Хитлер емотивно реагирал на настапите на германските спортисти, станувал од место и мафтал со раце.

На вториот ден од натпреварувањето се појавил и симпатичниот Овенс, атлетичарот од Алабама. На себе ги носел белите патики кои му ги дал Ади Даслер:

„Каде е Џеси Овенс? Кој е Џеси Овенс?“, прашувала толпата кога на стадионот излегле атлетичарите на 100 метри.

Хитлер седел во ложа и набљудувал како црномурниот атлетичар како стрела ги претркува сите на 100 метри. Џеси Овенс истрчал за 10,3 секунди, го срушил рекордот и добил долги аплаузи. Втор бил уште еден Афроамериканец, Ралф Меткалф, другар на Џеси од колеџ.

Додека народот скандирал „Џеси, Џеси“, Хитлер спокојно ги напуштил трибините и не отишол официјално да му честита на Овенс. 

На Олимписките Игри во Берлин, Џеси Овенс станал четирикратен шампион. Се вратил дома во САД импресиониран од германското гостопримство и скоро да заборавил што е тоа расна дискриминација. Но во Америка брзо го потсетиле „дека е црнец“.

Џеси починал на 31 март 1980 година на 66 години, во Тусон (држава Аризона). Со него до крај била неговата жена Мини и другите роднини. Најблиските решиле на погребот да му го обвијат телото со олимпиското знаме од бело платно и пет разнобојни кругови.

Легендата живее вечно.