25-годишниот Оскар Писториус е роден во Јужна Африка со малформација на нозете и веќе на 11 месеци докторите му ги ампутирале двете нозе до потколениците.
Но неговите недостаци воопшто не му претставувале хендикеп и тој со вградени протези уште од раното детство тренирал рагби, тенис, ватерполо и борење, а по сериозна повреда на рагби натпревар во 2003-та година, Писториус почнал редовно да трча за време на рехабилитацијата.
Познат како "Blade Runner", најбрзиот човек без нозе освои четири златни медали на Параолимписките игри и поседува два светски рекорди на 100 и 200 метри во својата категорија, по што тој реши да се натпреварува со „здрави" атлетичари.
Светската атлетска федерација го одби неговото барање за настап на натпреварите затоа што според нив, протезите на Писториус му овозможуваат тој да троши 25% помалку енергија.
Но тој ја доби битката со атлетската федерација откако Спортскиот арбитражен суд во Лозана ја поништи нивната одлука и му овозможи на Писториус да си го исполни сонот за настап на Олимписите игри.
На Светското првенство во 2011-та година тој беше дел од штафетата на Јужна Африка на 4х400 метри и стигна до сребрениот медал со што тој стана првиот атлетичар со инвалидитет кој освои медал на вакво натпреварување.
Минатата недела тој се натпреварување на квалификациите во Јужна Африка, но Олимписките игри му избегаа за само 22 стотинки.
Сепак тој ќе патува на Олимписките игри. Атлетската федерација на Јужна Африка реши да го вклучи во штафетата на 4х400 метри.
Три недели подоцна овој неверојатен спортист ќе се натпреварува и на Параолимписките игри каде ќе ги брани златата на 100, 200 и 400 метри.