Белграѓани му приредија спектакуларен пречек на Ѓоковиќ

По големиот триумф на Вимблдон, српскиот тениски ас пристигна на домашно тло со пехарот в раце, кој го освојува четири пати по ред и вкупно седми, на најпрестижниот и најелитен тениски турнир во светот.

Илјадници фанови на Ѓоковиќ се собраа пред платото пред Стариот дворец во Белград и со овации го пречекаа, човекот кој ја слави Гренд слем титулата број 21 во кариерата.

„Ова се дефинитивно најубавите моменти во мојот живот, кога имам благослов да се занимавам со спортот што го играм и кој толку многу го сакам, во кој успеав да постигнам голем успех, а кога ќе го постигнам тоа, можам да се вратам и да прославам со нашиот народ.

Ви благодарам, вие сте прекрасни. Многу српски тробојки, многу деца. Тоа ме исполнува засекогаш. За вакви моменти вреди да се живее, да се работи, да се игра тенис. Трофеите се минливи, но овие моменти кога заедно го делиме успехот, засекогаш ќе ги носам во моето срце.

Многупати сум бил на овој балкон, со сите наши тенисери Јелена Јанковиќ, Ана Ивановиќ, Јанко Типсаревиќ, Виктор Троицки, Ненад Зимоњиќ, сите тие се големи шампиони на нашиот спорт, кој кај нас немаше долга традиција до неодамна. Секако, патот ни го трасираа Слободан Боба Живојиновиќ и Моника Селеш, но тоа беше многу тешко во текот на 90-тите.

Но, некако во тие 10, 15 години пораснаа добри тенисери и тоа нѐ засили, ни даде дополнителен поттик и верувам дека тој некој српски инает беше пресуден зошто сум сега овде. Таа тврдоглавост е нешто што го симболизира тој дух на нашиот небесен народ и покажува срце, душа и волја кога е најтешко“.

 
12 јули 2022 - 08:59