Жешко хрватско дерби, ракометар на Вујо го легна делегатот на земја

По чудното турско финале во Супер Купот кое заврши по само 1 минута фудбал, уште една пресметка не го дочека својот крај. Се работи за ракометна која беше прекината поради напад врз службено лице.

Дербито меѓу Нексе и Загреб беше прекинато на крајот на првото полувреме при водство за гостинскиот тим, а потоа не се ни доигра.

На 7 секунди до истекот на првите 30 минути при водство од 9:16 за Загреб, ракометарите на Нексе протестираа поради одлука на судиите кои им поништија гол и наместо тоа им досудија седмерец.

Веселин Вујовиќ беше бесен, а најбесен беше Марко Безјан, кој доби исклучување по што го удри делегатот на мечот кој падна на земја.

Мечот потоа беше во прекин половина час и откако на делегатот му пружиле лекарска помош, официјалниот спикер соопштил дека играта нема да продолжи.

Со оглед на тоа што натпреварот заврши предвреме поради напад на службено лице од страна на играч на Нексе, голема е веројатноста победата да му биде доделена на Загреб.

Инаку ова беше дерби кое и двата клуба го дочекаа по испаѓањето од Европа. Загреб беше елиминиран од Монпеље во осминафиналето од ЛШ, а Нексе од Рајн Некар во осминафиналето од ЛЕ.

8 април 2024 - 11:55