Македонската ракометна репрезентација во првите две кола покажа неколку маани во играта кои во минатото не беа присутни, но на овој турнир излегоа на површина. Ставот во одбраната не беше на нивото од претходните првенства, а нападот тотално безидеен и непрепознатлив.
Австрија, еден од домаќините на Европското првенство, разгоропадена по двете победи во првите две кола, ги искористи буквално сите наши недостатоци.
После 5 минути игра репрезентацијата која до скоро не беше на ракометната карта на Европа, отиде на 4-1 и тоа како да беше најава за она што ќе следува.
Во следните пар напади на другата страна, со играч повеќе, немавме концентрација па Кузмановски во дваесетина секунди промаши два чисти зицери, односно австрискиот голман Ајхбергер му одбрани.
Гоце Георгиевски и Столе Стоилов беа единствени кои го одржуваа нашиот напад во првите 15 минути од мечот. Во тие моменти и некако се држевме иако Македонија имаше безброј грешки во додавањата. Капитенот Лазаров во еден момент намали на 7-6 од пенал во ситуација кога имавме играч повеќе, но до израмнување не стигнавме поради нова почетничка грешка во додавање.
Селекторот на Австрија Пајовиќ се реши да напаѓа без голман, со играч плус во офанзивата а тоа на Австријците им донесе резултат.
Билик (Микола Билик е син на поранешниот украински ракометар Сергеј Билик, а интересно, роден е во Тунис во 1996 година) со својот трет гол ја однесе Австрија на +3 (9-6).
Дека нешто сериозно не штима во нашата игра на целото Европско првенство покажа Вебер кој од контра зголеми на 10-6. Единствена светла точка во нашиот тим беше Стоилов со 4/4 после 20 минути игра и беше најзаслужен што Австрија драстично не се одлепуваше.
Ем што имавме безидеен напад ем што австрискиот голман Ајхбејгер бранеше неверојатно со 7 чисти одбрани, ем што селекторот Брестовац немаше никаков план Б. Зонската одбрана не одеше, репрезентативците слабо истрчаа.
Потопот во нашата игра се случи од 22-23 минута до крајот од првиот дел. Австрија буквално ја демолираше нашата репрезентација и поведе со 17-10, резултат добиен со играч помалку во два наврати.
Сол на раната ни ставаше Ајхбејгер кој бранеше невозможни удари на Лазаров, Манасков и Стоилов.
Just lovely from Thomas Eichberger - @HandballAustria 🇦🇹 stay just ahead of #NorthMacedonia 🇲🇰!#ehfeuro2020 #dreamwinremember pic.twitter.com/kdZuLoZp2J
— EHF EURO (@EHFEURO) 14 January 2020
На паузата 18-12 за Австрија која во првиот дел целосно се приближи до триумфот.
Најдобриот поединец на мечот, голманот на Австрија Томас Ајхбергер со нова одбрана го отвори вториот дел, откако го спречи Манасков да ја намали високата негатива на Македонија. Јанко Божовиќ на другата страна зголеми на 19-13 а Билик со својот 5 гол зголеми на 20-13.
Со спурен лик, бескрвно делуваше селекторот Данило Брестовац на клупата. Работите толку му избегаа од контрола што да можеше, ќе фрлеше бел пешкир и ќе го предадеше мечот уште на полувреме.
Кога на семафорот истекуваше 37' минута, Австрија водеше 24-13, предност која би му била надреална само на оној кој не го гледал мечот.
Во последните 10 минути Македонија заостануваше 10 гола - 30:20. Немавме решение за 34-годишниот Роберт Вебер кој безмилосно ги тераше Борко и Никола да ја вадат топката од својата мрежа и постигна 7 гола од 9 обиди.
На крајот, за наша среќа во несреќа, домаќините спуштија гас, па нашите резервисти ја намалија срамната негатива и на крај мечот заврши 32:28. Најефикасни во нашата репрезентација беа Стојанче Стоилов со 5 гола од 6 обиди, а по 3 постигнаа Лазаров, Маџовски, Пешевски, Мартин Поповски, Кузмановски. Само два погодоци Филип Талески и се вклопи во сивилото.
Кај домаќинот Роберт Вебер постигна 7 гола, Микола Билик 6, Јанко Божовиќ 5, колку што имаше и Фабијан Пош.