Вардар триумфално во Целје за прва победа во ЛШ

Потешко од очекувањата ,„црвено-црните“ со гостинска победа против Целје ПЛ ја отворија новата сезона од Лигата на шампионите. Арпад Штербик со 21 одбрана е најзаслужен за триумфот на нашиот вицепрвак.

Во „Златорог Арената“ во Целје, Вардар со победа (27-26) ја отвори сезоната во ракометната Лига на шампионите, во која годинава ќе имаме 2 представника во машка и еден во женска категорија.

По доброто отворање на дуелот, кога Вардарци поведоа со 2-0, домашните брзо се вратија во игра и со неколку голови по ред, ја превзедоа контролата врз натпреварот. Многуте падови во играта на Скопјани беа доволни Целје да направи серија од 5-0 и во 22-та минута да ја зголеми предноста на 6 поени (11-5). Тоа беше доволен знак, тренерот Раул Гонзалес да свика тајм-аут, по кој Вардар повторно заигра добро.

Новото засилување на „црвено-црните“, голманот Арпад Штербик со 10 одбрани беше најзаслужен што Вардар се врати во натпреварот. Освен што одлично бранеше, Штербик неколку пати и асистираше во брзите контри на младиот Алек Душебаев, кој до крајот на првото полувреме постигна 4 погодоци. Со серија од 7-0, Вардар успеа да поведе 12-11, но Словенците израмнија и на паузата се замина со 12-12.

Целје ја искористи предноста на домашниот терен и на стартот од вториот дел кога зголеми со 18-16. Деветте загубени топки  во второто полувреме беа премногу за Вардарци, кои беа хендикепирани и со исклучувањето на новајлијата Блаженко Лацковиќ, кој во 31-та минута доби црвен картон и беше испратен на трибините.

Сепак, со три гола едно по друго, Вардар успеа да поведе на 24-23 и го примора Целје да брка резултат. По серија грешки на двете страни, голманот на гостите, Арпад Штербик одбрани пенал и му овозможи на Вардар во следниотнапад да зголеми на 27-26, што се испостави и за конечен резултат.

Арпад Штербик со 21 одбрана (3 фатени пенали) се покажа како вистинска аквизиција за Вардар, а неговиот настап одлично го испратија Тимур Дибириов со 11, Алек Душебаев со 10 погодоци и Немања Прибак со 4 гола за првите бодови во европската сезона.

Група Ц:

ЦЕЛЈЕ ПЛ -ВАРДАР 26-27 (12:12)

ЧЕХОВСКИ МЕДВЕДИ - ВЕСПРЕМ  32:37

РЕЈН НЕКАР ЛЕУВЕН - МОНПЕЛЈЕ 31:21

27 септември 2014 - 22:18