Уште од самиот почеток црвено-црните наметнаа свој ритам па предводени од Тимур Дибиров после 14 минути игра имаа 9-6. Носени од најдобрата ракометна публика во Европа, европските прваци осетно се одлепија со серија од 3-0 во 25 минута од мечот.
Мешков Брест покажа дека знае да биде тврд орев и на паузата ја стопи негативата на 19-17.
Хајлајтс на мечот можеби е 18-годишниот Марко Кизиќ, третиот голман, после стандардните Гебдан и Кугис. Кизиќ на чудесен начин имаше 5 феноменални интервенции од кои 2 зицери на противникот.
Ова ги инспирираше неговите повозрасни соиграчи кои отидоа на +7 гола (32-26) во 45 минута и до крајот од мечот само во пар наврати дозволија гостите од Белорусија да се вратат на -3. На крајот конечни 36-31 и исклучително важен триумф на европскиот шампион, кој периодов минуваше низ турбуленции.
Најефикасни во победничкиот состав беа Криштопанс со 9 гола, Чупиќ со 7, Скубе со шест. Јунак на вечерта беше младиот Кизиќ со 5 одбрани, Гебдан имаше четири.
Кај гостите лидер меѓу стрелците беше Вајлупов со осум погодоци.
Со овој триумф македонскиот првак сега има 8 бода и е втор на табелата зад апсолутниот лидер Кил кој собра 11.