По вредниот триумф во Суперкупот одигран во Струмица, Вардар во Скопје по втор пат го победи Еурофарм Пелистер, овојпат 30:25.
Дербито во Скопје започна со мала церемонија на која почесниот претседател на РК Вардар 1961 Михајло Михајловски им подари плакети и врамени дресови на легендите на клубот Борко Ристовски и Стојанче Стоилов кои сега се во стручниот штаб и управата.
Токму Стоилов синоќа од клупата го водеше Вардар поради суспензијата на првиот тренер Владо Недановски.
На крилата на своите навивачи Вардарци од почеток на големото дерби кое мина без гостинска публика поради забрана, презедоа иницијатива и стекнаа огромна предност од 6-1. Еурофарм Пелистер својот прв гол го даде од пенал а од игра дури после цели 15 минути.
Но шампионот не би бил шампион ако така лесно се предаде. Гостите направија серија па во еден момент семафорот покажуваше 8-6 за Вардар. Треба да се напомене дека Битолчани играа без своите првотимци Нилсен, Стевановиќ, Сери и Петровиќ поради правилото за ограничен број странци во домашното првенство.
Домаќинот го имаше расположениот Мартин Томовски кој блескаше уште од почеток со пет врвни одбрани, а на крајот од мечот имаше вкупно 15, повеќе дури и од сите тројца голмани на ривалот.
На полувреме Вардар водеше 15-12 а најзаслужни за тоа беа голманот Томовски, како и Милан Лазаревски кој постигна три погодоци во првите 30 минути.
Во вториот дел Еурофарм Пелистер одново немаше решение за гранитната вардарова одбрана но и покрај тоа се вратија во еден момент на 22-20.
Црвено-црните ја чуваа предноста од два-три гола до крајот од мечот и заслужено славеа 35:30. Ова е втор триумф на Вардар во новата сезона а Пелистер го одигра првото коло и отвори со пораз.
Најефикасни кај победникот беа Милан Лазаревски и Марко Срдановиќ со по шест гола, Матија Николиќ и Стефан Петриќ одиграа исто одличен меч со по пет погодоци, а младиот Јапонец Косуке Јашухира запиша четири гола.
Јунак беше Мартин Томовски со 13 интервенции. Кај гостите Урош Борзаш новото засилување погоди шест пати и тоа сите шест пати во вториот дел. Цветан Кузманоски и Ненад Костески дадоа по пет гола.
Ова ќе биде само најава за големите и жестоки дуели кои ќе ги очекуваат овие два тима сезонава. Црвено-црните кои изгубија од германски Рајн Некар во плејофот за Еврокуп ќе се посветат само на домашните обврски. Следно за нив е домашен меч со Пролет а Еурофарм Пелистер ќе оди на тешко гостување во Лига на шампиони кај Алборг.