Убедлива победа на Македонија во Естонија, сега на ред е Литванија

Македонската ракометна репрезентација успешно го преброди гостувањето во Талин и ја разби Естонија со 17-36 (10-19) на патот кон Европското првенство. Имаше и дебитанти кои ги постигнаа своите први голови во репрезентативниот дрес.

Македонија одигра одличен меч против слабата селекција на Естонија и сега останува во недела пред своите гледачи да ја совлада Литванија со барем три гола разлика за сигурен пласман на уште едно Европско првенство.

Од почеток се играше со блага предност на Македонија а силата ја демонстриравме после 10 минути игра кога Естонија остана со двајца играчи помалку а Филип Кузмановски од пенал ја однесе Македонија прво на +3 за набрзо со погодоците на Лазаревски и Јагуриновски да стигнеме до +6 (2-8).

Лазаров погоди со игра преку пивот каде доминираа Лазаревски, Маркоски и Пешевски. Македонија во 25-та минута водеше 15-5 и тука веќе се наѕираше победникот.

На полувреме се замина со +9 за македонските ракометари кои водеа 10-19.

Шанса добија и дебитантите, младите Мартин Ивановски и Дамјан Митев кои вратија со голови. Ивановски дури беше и стартер на мечот и се оддолжи со три погодоцишто значи дека селекторот Лазаров верува во овие нови млади сили. Митев влезе во финишот и својот прв гол го даде во 51-ва минута.

Македонија играше одличен ракомет во вториот дел а за волја на вистината и немаше достоен ривал вечерва во Талин. На крајот конечни 17-36.

Најдобри стрелци во нашата репрезентација беа Филип Кузмановски со шест гола, Мартин Серафимов имаше 5/5, Милан Лазаревски даде четири гола, а по три постигнаа Костески, Ивановски, Жарко Пешевски. На голот Мартин Томовски покажа дека е во одлична форма со 13 одбрани а Никола Митревски запиша седум одбрани.

Сега Македонија ќе игра против Литванија во недела на 11-ти мај од 18:00 часот. Во моментов Литванците се втори на табела а ги чека дуел со Словенија која веќе се пласираше на Европското. Црвено-жолтите ќе мора да победат со најмалку три гола разлика зошто загубија на гостински терен со два гола негатива. Евентуален триумф со помалку од три погодоци ќе донесе два бода но ќе треба да се пресметува математички дали Македонија ќе биде меѓу четирите најдобри третопласирани репрезентации во групите и ќе треба да брои гол-разлика.

8 мај 2025 - 20:29