Среќна ждрепка за Мундијалот, Македонија ќе игра во Вараждин

Македонската ракометна репрезентација ги доби противниците за Светското првенство 2025, на кое домаќини ќе бидат Данска, Норвешка и Хрватска.

Избраниците на Кире Лазаров кои го заверија седмото мундијалско учество по ред или вкупно деветто во историјата на нашиот национален за тим се паднаа во групата Д заедно со Унгарија, Холандија и Гвинеја.

Главната фаза на турнирот се игра во четири групи во Хрватска, а по две во Норвешка и Данска, по што пласман во втората фаза на Мундијалот обезбедуваат најдобрите три селекции од секоја група.

Македонските навивачи може да бидат задоволни, бидејќи ни се насмевна среќата натпреварите од првата групна фаза да ги играме во Вараждин.

Тоа ќе биде всушност кам бек на хрватско тло, каде ќе може да се патува со коли, комбиња и автобуси, како што беше на она незаборавно Светско во Хрватска 2009-та кога завршивме 11-ти.

Мундијалот се игра во периодот од 14 јануари до 2 февруари следната година.

Група А (Хернинг, Данска): Германија, Чешка, Полска, Швајцарија

Група Б (Хернинг, Данска): Данска, Италија, Алжир, Тунис

Група Ц (Пореч, Хрватска): Франција, Австрија, Катар, Кувајт

Група Д (Вараждин, Хрватска): Унгарија, Холандија, Македонија, Гвинеја

Група Е (Осло, Норвешка): Норвешка, Португалија, Бразил, САД

Група Ф (Осло, Норвешка): Шведска, Шпанија, Јапонија, Чиле

Група Г (Загреб, Хрватска): Словенија, Исланд, Куба, Зеленортски Острови

Група Х (Загреб, Хрватска): Египет, Хрватска, Аргентина, Бахреин

29 мај 2024 - 22:25