
Македонските ракометари имаа прекрасен влез во натпреварот. Селекторот Кире Лазаров пред натпреварот се реши Кузманоски и Карасманакис да влезат во составот наместо Петар Атанасијевиќ и Никола Маркоски. Словенија играше без главните носители на играта, Цехте, Зарабец, Мачковшек.
Натпреварот пред повеќе од 6.000 гледачи започна со два погодоци на капитенот Филип Кузмановски. Набрзо на голот блесна и ветеранот Никола Митревски кој сезонава брани во животна форма.
Македонија по 18 минути игра водеше 10-4 и носена од френетичната поддршка, Кузмановски, Митев и Митревски играа како во транс.
Словенечкиот селектор Урош Зорман повика тајм-аут после кој „змајчеки“ се повратија малку на себе, направија серија 1-4 и се вратија на -3 гола негатива (11-8 за Македонија).
Голема белја на соиграчите им направи Карасманакис кој во 21' минута доби директен црвен картон поради грубиот и несмасен фаул над Блаж Јанц од зад грб. Но Македонија се држеше се уште стабилно па со погодоците на Жарко Пешевски и Филип Кузмановски во 28-та минута имаше 15-12.
На паузата црвено-жолтите имаа гол предност: 16-15.
Словенија со погодок го започна вториот дел, израмни и како да најави драма до крајот. Долго време, неколку минути во серија се играше гол-за-гол. Словенците првпат поведоа 18-19, а од тој момент како македонските ракометари да западнаа во мини криза па гостите се одепија прво на два а на 10 минути пред крајот и на 4 гола предност (24-28).
Лазаров проба со тајм-аут да ги поврати своите момци во игра но во тоа го спречи голманот на Словенија Јоже Базник кој правеше чуда на голот.
На крајот конечни 26-32 за Словенија.
Капитенот Филип Кузмановски беше најефикасен играч во македонската селекција со 10 гола. Марко Митев постигна пет, Жарко Пешевски четири погодоци. Кај победникот, Алекс Влах запиша 10 гола, Блаж Јанц седум а голманот Јоже Базник со 12 одбрани беше можеби играч на мечот.
Возвратниот дуел Словенија - Македонија се игра во Копер за четири дена.