Единственото финале кое го заслужуваме на 27 мај во Ланскес Арената е Вардар - ПСЖ.
Нема ништо случајно во оваа победа на Вардар во најголемиот ракометен дом во Европа - митската Шпаркасен Арена. Среќата се зборува дека ги прати храбрите, а на оваа вистина се судени сите генерации на новинари и пред нашите и после нив.
Кога водечката бековска тројка Борозан - Циндриќ - Кристопанс први ќе постигнат гол во 35 минута. Кога головите од контра напад практично не постојат. Кога вашиот противник ќе ве надигра во транзиција. Кога Штербик ќе остане во сенка на Ландин, обично и не морате да гледате во семафорот за да заклучите дека сте загубиле.
Но тоа со тимот кој го води Раул Гонзалес не е случај.
Го нема тој шум на германски пензионери кои ќе истурат “вода во ушите“, нема губење на самодоверба и контрола. Нема палење па гасење на Нилсон, Билик, Зарабец, Вуин, веќе едно ниво подоле.
Вардар е машина која не прегрева. Се вклучува во соблекувална, а се исклучува на пат за накај аеродром.
Неверојатно е како секој поединец во Вардар во секунда после својата грешка знае каде и зошто погрешил. Таков степен на уиграност и познавање на својата работа од оваа група на играчи, го прави тимот еден од најдобрите во деценијава.
Има многу од нив кои не се светска класа и веројатно никогаш нема да бидат, но симбиозата на сè ги прави големи и против поголемите индивидуалци од нив.
Единствениот адут на Кил во Скопје е ако Домагој Дувњак се разбуди како оној дечко од 2013-та, да го води нападот и одбраната, да пресече 5 топки, а 10 пати да падне од три метра висина на глава, да стане, да ја истресе прашината и да продолжи. Се плашам дека таков Дуле до крај на оваа сезона нема да видиме.
Од Вардар можеме да видиме уште многу. Ова не е сè, 100%.