Македонската ракометна репрезентација им го подигна адреналинот на македонските љубители на ракометот. Во исклучително тежок и тврд меч во кој постојано беше во негатива, успеа со голема борба да стигне до нерешен резултат против силниот противник Русија. Конечниот резултат на семафорот беше 29:29.
Иако резултат го отвори Кире Лазаров, текот на натпреварот одеше во корист на Русите кои по 11 минути игра имаа предност од 7:4. Првиот знак дека Македонија нема да се откаже се покажа во 16 минути, кога по тајм аутот на Ѕвонко Шундовски македонските ракометари направија серија од 5:1 и имаа водство од еден гол разлика. Највисоката предност ја остваривме по 20 минути игра кога по блокот на Јоноски, Велко Марковски погоди за +2.
Македонија повторно имаше проблеми во одбраната и немаше идеја за шутевите на руските ракометари кои погодуваа од сите позиции и за минута ипол направија серија од 3:0. Мечот влезе во период кој се одвиваше гол за гол, но тоа не и одговараше на нашата селекција која не најде лек да ја намали предноста на Русите кои на полувремето водеа со 16:13.
Лош старт имавме и во вториот дел, а нашите противници направија серија од 4:1. Солидна реализација одбележавме некаде на половина од второто полувреме кога Лазаров и Стоилов погодуваа најмногу кога требаше. На тоа се надоврза и одличната серија на одбрани на Никола Митревски. Најголемата неизвеснот почна на 9 минути до крајот кога заслужено стигнавме до нерешен резултат 26:26.
Македонија имаше шанси за пресврт, но Дејан Манасков не искористи две златни прилики за гол, правејќи престап. Тензијата и неизвеснота продолжи се до крајот на мечот, со постојано водство на Русија од +2. На 1 минута и 20 секудни до крајот натпреварот донесе голема драма. Судијата покажа пенал, а нашиот капитен не пропушти да го реализира. Русите тргнаа во напад со играч помалку, а одличниот Митревски со фантастична интервенција покажа зошто е дел од репрезетативниот состав.
Шундовски повика тајм аут за да се смират страстите, а потоа играчот на Металург Гоце Георгиевски постигна многу важен гол за конечни 29:29. Останатите 17 секунди Русија не ги искористи за да дојде до триумф. Иако најпрецизен на мечот беше нашиот капитен Лазаров со 10 постигна гола, признанието за најдобар поединец на теренот му припадна на Стојанче Стоилов кој имаше 5 погодоци.
На табелата Данска е прва со максимален учинок од 6 бода, 2 повеќе од Исланд со кого ќе се сретне вечерва во 20:15 минути. Македонија и Русија се на делба на втората и третата позиција со по 5 бодови. Последниот наш натпревар во групната фаза кој го играме в петок против европскиот шампион Данска, ќе покаже дали ќе го избегнеме 4 место во групата кое воопшто не го посакуваме поради тоа што во осминафиналето би се судриле со силната Франција.