Ракометното срце на Европа!

Многу ракометни великани со огромни финансиски средства сè уште ја немаат подигнато “ракометната рака” во ЛШ, иако имаат одлични тренери, играчи, услови, пријатели во ракометните организации итн, но го немаат македонското срце, инает, борбеност, страст, емоција.. со која ракометот е многу повеќе од спорт, а Вардар многу повеќе од клуб!

Покрај кејот на нашата најголема река Вардар, во населбата Аеродром во Скопје никна еден објект во црвено-црни бои, кој стана неосвоива тврдина и дом на ракометниот клуб Вардар, или како знаат да прокоментираат многу тренери и играчи од ракометниот свет: “вулканот Јане”

Но, не би сакал да го изоставам делот наречен “Кале” кој за нас вардарците е многу важен, од таму почна да се креира овој Вардар, неговиот победнички менталитет, врската помеѓу ракометарите и нас фановите.

Нашиот Вардар сезоната 2013/14 стигна до четвртфинале, претходно во осминафинале направи огромен подвиг исфрлајќи ја екипата на Хамбург, тогаш одекна името на Вардар во Европа, како аутсајдери прво во Скопје лавовски се боревме и извадивме реми, и кога никој не очекуваше дека во Хамбург, Германија, Вардар ќе издвои победа, тоа се случи, Вардар победи во Германија, сите го паметите Чипурин со неговата борбеност и неговата радост на крајот.

Вардар тогаш за прв пат му нанесе пораз таа сезона на европскиот првак Хамбург. Вардар беше прв македонски претставник кој исфрлил екипа од Бундес лигата. Вардар - Хамбург 28:28 (14:16) одиграно во Борис Трајковски, на 22.03.2014 година. Хамбург Вардар 29:30 (15:17) одиграно во Хамбург, на 30.03.2014 година. Во четвртфиналето на ред дојде уште еден бундеслигаш, Фленсбург, кој иако не не победи, не исфрли и се пласираше на фајнал форот во Келн.

Прво во Германија, Фленсбург не победи со 24:22 (13:14) на 21.04.2014 година. На реваншот можеби една од најдобрите атмосфери до тогаш во ракометниот свет.

Вардар губеше на полувреме со 10:15, но со ваква атмосфера се врати и издвои победа која за жал не беше доволна поради правилото гол во гости. Вардар - Фленсбург 27:25 крај. Фленсбург таа година успеа да се искачи на шампионскиот трон во Европа.

Одиме една година подоцна и истата приказна..Во осминафинале, Вардар се сретна со Висла Плок. Во првиот натпревар во Полска на 14.03.2015 година Вардар загуби. Висла Плок - Вардар 32:26 (14:12). Во реваншот во Скопје во вулканот Јане, Вардар беше немилосрден и победи со 11 гола разлика. Натпреварот се одигра на 21.03.2015 година, Вардар - Висла Плок 31:20 (14:10).

Во четвртфиналето налетавме на Кјелце и се повтори истата приказна од претходната година. Во првиот натпревар во Скопје, Вардар загуби, не беше доволна атмосферата од трибините да ја победиме екипата на Кјелце..Вардар - Кјелце 20:22 (11:11) натпреварот се одигра на 11.04.2015 година.

На реваншот во Полска, Вардар не успеа да направи големо изненадување и загуби од Кјелце. Кјелце - Вардар 33:31 (16:14) натпреварот се одигра на 19.04.2015 година. Кјелце продолжи на Фајнал форот во Келн и го подигна пехарот..



И трет пат по ред во 2016 година Вардар стигна до четвртфинале во ЛШ, и се сретна со Веспрем. Претходно го исфрливме полскиот претставник Висла Плок, со кого игравме и претходната година. На првиот нaтпревар во Полска игравме нерешено, 30:30(16:14) одигран на 16.03.2016 година. На реваншот во Скопје на 26.03.2016 година победивме со 25:24(13:15).

И на ред дојде дуелот со Веспрем. На двата натпревара загубивме, немавме доволно сила да се спротиставивме на екипата на Веспрем, која мора да се признае имаше одличен тим. Вардар - Веспрем 26:29 (09:12) натпреварот се одигра на 23.04.2016 година во Скопје.

Вториот натпревар се одигра на 30.04.2016 година, вардарци има и водство на полувреме од два разлика, и се трудеа со сите сили но сепак не доволно за победа, натпреварот заврши нерешено.
Веспрем - Вардар 30:30 (12:14).

Три пати по ред на чекор до Фајнал форот во Келн, толку бликсу, а толку далеку. Многу сонови беа уништени, многу од нас скршени и разочарни, толку се трудевме но, никако да успееме, три пати на последната препрека. Знаевме дека можеби немаме квалитет како другите екипи, долга клупа, докажан тренер, но, знаевме дека имаме огромно срце, најдобри навивачи, и дека тимот секогаш ќе се бори. Вардарци прво ни ја презентираа својата сила, одлучност, одолжувајќи му се на Кјелце и тоа во вулканот Јане во Скопје. Вардар - Кјелце 40-34 (18:18) групна фаза 6то коло.

Вардар во групната фаза заврши прв во групата Б, и ни покажа на сите дека може конечно после четврти обид да дојде до Келн. Како прво пласирани во групата завршивме одлична работа и не игравме во осминафинале, туку директно се пласиравме во четвртфиналето во ЛШ. А таму не чекаше уште еден должник, стар пријател, кој ни будеше лоши моменти и емоции, кога 3 години претходно не исфрли од четвртфинале со нерешен резултат. Но, тогаш беше време да се одолжиме! И сите го знаевме тоа, и играчите и навивачите!

Првиот натпревар се одигра во Германија. Фленсбург - Вардар 24:26 (09:15) се одигра на 22.04.2017 година. Реваншот во Скопје значеше да се биде или не, картите беа распродадени во рекордно брзо време, вулканот се спремаше.. Сите треперевме и бевме во очекување на тој реванш дуел во Скопје, цела Македонија беше на нозе.. И дојде тој очекуван ден, 27.04.2017 година Вардар победи и се пласираше на Фајнал фор во Келн, во преполната сала во Јане! Вардар - Фленсбург 35:27 (15:10).

И така дојдовме на Фајнал фор во Келн без големи очекувања иако сите бевме свесни за тоа колку ова екипа може заедно.. Шоуто започна на 03.06.2017 година, во полуфинале кога налетавме на ракометниот гигант Барселона, и вака изгледаа последните моменти од натпреварот, да се потсетиме и да ги вратиме емоциите од тој ден.

УЖИВАЈТЕ!

Сите го прославивме тој ден, победата на Барселона, многу од нас со солзи радосници, знаевме дека ова историска шанса и дека можеме..

И така 04.06.2017 ќе биде запишан со златни букви во Вардар како и во македонскиот спорт, македонскиот Вардар во финале се сретна со францускиот гигант ПСЖ.

18:00 часот сите бевме организирани по кафиќи, по дома, седнати со друштво, пред телевизорот, едвај чекавме да почне, мислам и дека денот претходно не спиевме, славевме за победата, а кога почна натпреварот ја доживувавме секоја секунда како да сме на терен, полни адреналин и еуфорија, живеевме за таков момент, ништо не беше поважно од натпреварот на Вардар..И така ова се случи..

Не можам да го опишам адреналинот, еуфоријата во тој момент, рипавме, пеевме, се тркалавме по подот и што уште не.. Тоа беше момент за кој вреди да се живее! А вака отприлика изгледаше тоа.

Се надевам со овој текст ќе ви ја доближам важноста на овој клуб за Македонија, како луѓето и покрај проблемите во тој момент беа среќни тие денови, како ги чека натпреварите на Вардар, како живееа за овој клуб, како тој ден се собраа толку голема маса на народ без политика, како тоа Македонија за момент беше на врвот на светот! Ах мој Вардаре, љубов неизлечива!

Виа

4 јуни 2020 - 09:46