
Ројевиќ од Војводина замина неодамна па на кратко беше в.д. селектор на Србија која од скоро ќе ја преземе Раул Гонзалес.
Ројевиќ до крајот на сезонава ќе остане слободен тренер а веќе за некој месец по крајот на првенството во Македонија, ќе ја презеде екипата од Охрид.
Охриѓани планираат тим за високи дострели а целта им е да ги турнат Пелистер и Вардар од врвот, да стигнат до титулата и да заиграат еден ден во Лига на шампиони.
Договорот на Ројевиќ со ГРК Охрид ќе важи до лето 2028-ма година.
„По разделбата со Војводина, ги сумирав впечатоците и се чувствував презаситен од ракометот поради случуваањата и околу репрезентацијата. Војводина ми даде многу, ама мислам дека со дваесетте трофеи се оддолжив.
Извесен период бев во преговори со луѓето од Охрид и епилогот беше успешен. Сакав да направам пауза, да се одморам, да соберам сили и да направам добар план со новиот клуб.
Ги наполнив батериите, будно ги следам случувањата и подготвен сум да пристигнам во земјата каде ракометот е спорт број еден. На почетокот не гледав на Охрид како сериозна опција, бидејќи немав доволно информации за проектот.
Со текот на времето, додека се распрашував и разговарав со луѓе чие мислење го ценам, сфатив дека ова е стабилен и амбициозен клуб. Добив покана од градоначалникот Пецаков за ручек во Нови Сад.
Дотогаш имав некои поинакви планови поврзани можеби со некои други земји каде би сакал да ја продолжам кариерата. Кога градоначалникот и спортскиот директор на клубот ги споделија своите размислувања за целиот проект со мене, почувствував дека имаат голема глад за успех и решеност да направат нешто големо. Решив дека сакам да бидам дел од таква приказна.
Одам да работам во земја во која ракометот е спорт број еден, каде што салите се полни, а ракометарите имаат одреден статус во лига која е квалитетна и секоја година станува се подобра и подобра“, вели Србинот.
Новиот тренер беше прашан и за целта на клубот со него во следните сезони, како и позицијата на Охрид во македонскиот ракомет, па рече:
„Идејата е да одиме чекор по чекор, да се обидеме да победуваме во дерби натпреварите со големата тројка, во првата година да станеме фактор, а притоа да видиме до каде сме, што ни недостига за да направиме нешто повеќе. Клучно е да се формира добар тим, стручен штаб, да се работи квалитетно и момците да напредуваат. Желбата е охридската сала да стане вистинска тврдина каде ќе паднат и подобрите екипи на хартија.
Сите знаеме дека Еурофарм Пелистер е исклучително силен, а тоа го потврдија и натпреварите во ЕХФ Лигата на шампионите. Вардар е вистински европски ракометен бренд, двократен освојувач на Лигата на шампионите на ЕХФ и секогаш ќе биде квалитетен, додека Алкалоид е група на млади, перспективни играчи, репрезентацијаво мало предводена од легендарниот Кире Лазаров. Сакаме да влеземе во таа трка, но свесен сум дека е потребно време.
Треба да го направиме вистинскиот баланс меѓу домашните и странските играчи, да афирмираме некои Македонци и да ги подигнеме на репрезентативно ниво. Втората сезона ја гледам како период кога треба сериозно да се вклучиме во борбата за трофеи, а во третата сезона да го донесеме првиот трофеј на витрината на клубот. Сакаме да направиме чекор напред и во Европа. Многу зависи од ждрепката, но целта секако е да поминеме неколку кола, да ја продадеме скапо кожата на некој од фаворитите за освојување на пехарот. Секако дека чудата се секогаш можни, ги посакуваме, но мора да бидеме реални и да не ги прескокнуваме чекорите кои секој клуб мора да ги помине“.
За крај, Ројевиќ се осврна и на публиката во Охрид која сезонава е меѓу најбројните.
„Тоа е навистина одлично. Тоа ми недостигаше во Србија, салите да бидат пополни, да ја видиме вистинската страст што ја имаат Македонците за нашиот спорт. Македонија го има тоа. Сега кога ги следам сите натпревари од македонската лига, забележувам речиси секој тим има своја навивачка група, салите се секаде добро исполнети и многу е интересно. Во таква средина, нормално, го извлекувате максимумот од себе и од играчите“, заклучи Ројевиќ.