ИРАН:
Овогодишниот Мундијал ќе биде прв во историјата на оваа земја, а Иранците пласманот го обезбедија преку третото место на Азискиот шампионат минатата година. Тоа беше воедно и нивен најдобар резултат во Азија. Иран е селекција која нема големи и познати имиња, освен словенечкиот селектор Борут Мачек кој го води Иран од 2013. година. Од играчкиот кадар најмногу се издвојува Мохамадрежа Раџаби, кој е рекордер со 145 настапи и 662 голови. Сите репрезентативци на Иран играат во домашното првенство, со исклучок на еден ракометар кој игра во ирачкото првенство.
ТУНИС:
За разлика од Иран, Тунис ќе го игра 12. Светско првенство. Првпат на еден Мундијал се појавија во 1967. година и ракометот за сигурно е спорт број еден во оваа земја. Нивниот најдобар пласман на СП е 4. место во 2005 година во нивната земја. На клупата го имаат еден од најдобрите ракометни стручњаци од Балканот, Босанецот Сеад Хасанефендиќ. Најголеми ѕвезди во Тунис се Вишем Хмам (Сент Рафал, Франција), Ишам Теј (Монпење, Франција) и Ваел Јалуз (Барселона, Шпанија). Ишам Теј е најдобриот стрелец во историјата на тунискиот ракомет со 770 голови и 293 настапи.
АВСТРИЈА:
Селекцијата на Австрија по петти пат ќе игра на едно СП. Нивниот најдобар резултат е 11. место на првенството во Хрватска 2009. година. Австрија е единствена селекција што на клупата нема тренер од екс-ју просторите. Исланѓанецот Патрекур Јоханесон е селекторот на Австрија, репрезентација во која Виктор Силаѓи е ракометар со најмногу настапи 187 и најмногу голови 853. Тој е најдобриот играч на Австрија. Австрија има две учества на ЕП, во 2010 кога беа домаќини и во 2014 во Данска, а не двата собири испаѓаа во првата фаза.
БОСНА и ХЕРЦЕГОВИНА:
По фудбалското, Босанците остварија уште еден историски подвиг и се пласираа на ракометното светско првенство, за првпат од нивното постоење. БиХ го направи најголемото изненадување, откако во баражот го мина Исланд со вкупен резултат 62:61 (33:32; 29:29). Селектор на БиХ е Драган Марковиќ, а нивни најпознати играчки имиња се Мирсад Терзиќ (1981) од унгарски Веспрем, Никола Прце (1980) од полскиот состав Азоти, како и капитенот Мухамед Торомановиќ (1984) од француски Кретеј. Босанците имаат спој на младост и искуство, па така во составот имаат и неколку репрезентативци помлади од 22 години.
ХРВАТСКА:
Со сигурност фаворит не само во групата Б, туку и за самата завршница на СП. Ова ќе биде 11. учество на коцкестите на еден Мундијал и слично како и Шпанците во групата А, Хрватска важи за апсолутен фаворит за првото место во групата Б.
Хрватите го освоија светското злато во 2003. година во Португалија и со уште три сребра (1995 Исланд, 2005 Тунис, 2009 Хрватска) и една бронза (2013 Шпанија) важат за една од најтрофејните репрезентациии во Европа. Нивниот сегашен селектор, Славко Голужа како играч со Хрватска освои две сребра и едно злато. Во составот Игор Вори има најмногу настапи (223) и најмногу голови (562). „Ватрените“ имаат селекција богата со ѕвезди, а најпознато име сигурно е Домагој Дувњак од Кил, најдобриот светски играч во 2013. година.
Група Б:
Хрватска
БиХ
Македонија
Австрија
Тунис
Иран
1. коло, 16. јануари:
БиХ- Иран 13:00
Македонија - Тунис 15:00
Хрватска - Австрија 17:00