Меѓу Чешка и Данска ќе нема време да се здивне

Првата позиција на табела на Македонија и донесе привилегија следниот меч да го игра дури во недела вечер и со тоа да одмори три дена во Вараждин, но потоа следува пеколно тежок распоред од кој нема бегање.

Четврток, петок и сабота се денови во кои ние ќе ги средуваме впечатоците и ќе намалиме со навивачкиот адреналин, а ракометарите ќе може да се одморат и паралелно да се подготвуваат за тоа што им престои во Вараждин.
 
Првиот натпревар на избраниците на Раул Гонзалес е во недела со почеток од 20:30 против велесилата Шпанија, потоа в понеделник следува пауза, а вторник и среда ден за ден играме два меча, прво против Чешка, а потоа против Данска.
 
Распоредот е густ, па така во вторник со Чесите играме со почеток од 20:30, а следниот ден ќе треба да собереме сили за Данска со која стартуваме во 18:15. Тоа значи луфта од само околу 20 часа.
 
Но како за нас, така е и за другите. Словенците на пример со Шпанија играат во вторник со почеток од 18:15, а следниот ден со Чешка во 16:00, што значи имаат време за одмор исто колку нас.
 
Шпанците имаат 24 часа пауза меѓу мечевите со Словенија и Германија, а Чешка само 18.  

Табелата на почеток е за мерак

18 јануари 2018 - 15:18