Македонија, Србија и Словенија и официјално кандидати за Европско во ракомет!

По најавата на првиот човек на српскиот ракомет Божидар Ѓурковиќ, сега потврда стига и од претседателот на македонската ракометна федерација Александар Стефанов. Македонија, Србија и Словенија официјално поднеле кандидатура за домаќинство на ЕХФ ЕУРО 2034.

Трите земји со богата ракометна традиција ги здружија силите со цел да добијат домаќинство на еден од најголемите настани во европскиот ракомет.  Според претходно договореното, во нашата земја би се играле две групи, а завршницата би се одиграла во Белград.

„За мене претставува посебна чест и задоволство што Ракометната федерација на Македонија прави уште еден значаен чекор напред и што заедно со ракометните сојузи на Србија и Словенија учествува во заедничка кандидатура за организација на машкото ЕХФ ЕУРО 2034. Верувам дека сите три федерации, со своите богати искуства, капацитети и ракометна традиција ги имаат сите предуслови да одговорат на барањата и стандардите на Европската ракометна федерација и успешно да организираат Европско првенство на највисоко ниво. Македонија е ракометна земја.

Ракометото со децениии е длабоко вткаен во нашата спортска традиција и историја, создавајќи генерации успешни ракометари и ракометарки. Со својата популарност, како и со резултатите остварени на европско и светско ниво, слободно можам да кажам дека ракометот е спорт број 1 во Македонија и дека така останува. За нас оваа кандидатура е прилика за уште еден голем исчекор и потврда дека Македонија има капацитет да биде дел од организацијата на најголемите европски ракометни настани. Се надеваме дека нашата заедничка кандидатура ќе добие доверба и дека во 2034-та заедно со Србија и Словенија ќе бидеме успешни домаќини на ЕХФ ЕУРО“.

Претседателот на српскиот ракометен сојуз Божидар Ѓурковиќ вели дека Србија, Македонија и Словенија ги имаат сите потребни капацитети за организација на еден од најголемите ракометни настани во Европа.

„По серијата состаноци и договори кои ги постигнавме, дојде момент сите три сојузи да поднесат заедничка кандидатура за организација на ЕХФ ЕУРО 2034. Верувам дека сите три федерации имаат организациски капацитети, искуство и човечки ресурси едно вакво големо натпреварување да организираат на највисоко ниво.

Нашата кандидатура опфаќа целосна инфраструктура потребна за органзиација на првенството, од сала, хотели и сите останати сегменти неопходни за одржување на едно големо меѓународно натпреварување. Верувам дека нашата заедничка кандидатура ќе биде најсериозна. Во овој момент тешко е да се зборува дали ќе има уште пријави и каква ќе биде конечната одлука на ЕХФ, но она што можам да го кажам е дека со заеднички сили ќе сториме се нашата кандидатура да ја претставиме на најдобар можен начин во ЕХФ и дека ние сме најдобро решение за организација на еден така голем настан.

14 август 2026 - 09:50