Малерот со Исланд продолжува. Селекцијата на Македонија не најде решение за третиот наш противник во првата фаза по групи на светското првенство во Шпанија и загуби од островјаните со 4 гола разлика. И покрај победата по првите две кола, тезата дека ова не е старт за фалење во однос на играта на нашите ракометари се потврди токму денеска.
Избраниците на Шундовски веќе по 6 минути игра беа во шок и губеа со 4:0. Немаа решение за нападите на курпулентните противници, а немањето идеи во нападот ги остави без постигнал гол се до 9 минута кога Мојсоски и Манасков набрзина погодија и намалија на 2 гола разлика.
Настаните на теренот повторно одеа во прилог на Исланд кој го диктираше темпото на играта и постојано го затвораше просторот особено кога Кире Лазаров ќе тргне во налет. Најдобрите мигови во нашата игра се случија на 5 минути до крајот на првиот дел, кога асистенциите на нашиот капитен најдобро ги користеше Стојанче Стоилов кој стрелаше 4 пати. Резултатот на неколку минути до крајот на првиот дел беше 8:8, а на пауза ракометарите заминаа со резултат 10:10.
Сликата од стартот на мечот повторно ја видовме во второто полувреме кога нашите ракометари повторно беа летаргични и немаа идеи, а Исланд тоа одлично го искористи и направија серија од 4:0. Случувањата на теренот од првиот дел беа исти и во второто полувреме, поради фактот што повторно ни беа потребни 9 минути игра за да постигнеме погодок.
Голем проблем во играта на Македонија беше фластер играта врз Кире Лазаров кој постигна само 4 погодоци. Покрај лошата организација подеднакво во нападот и одбраната, на наша страна не беше наклонета ниту среќата, па тешко беше да се избројат и ударите на македонските ракометари во стативите на противничкиот гол.
Во вода падна и одличната ефикасност на Борко Ристовски кој одбележа 17 одбрани, една повеќе од Густавсон. Најпрецизен на мечот беше лидерот на Исланд Гудјон Валур Сигурдсон со 8 погодоци, а во нашиот табор најефикасен беше Манасков со 5 постигнати гола.
Нашиот стар должник со кого имаме лоши спомени во изминативе 15 години повторно ни одржа лекција, а не стигна и на табелата на која по 4 поени освен Македонија и Исланд имаат уште и Русија и Данска. Македонија нема многу време да ги анализира грешките од поразот, затоа што 4 коло на програмата е веќе утре, кога во 15:45 силите ќе ги одмерите со селекцијата на Русија.