Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) би можела во наредните неколку часа да ја замени репрезентацијата на Америка со Македонија, поради тоа што Американците пријавиле дури 18 позитивни случаеви на коронавирусот.
Ова го соопштил селекторот на САД, Швеѓанецот Роберт Хедин кој некогаш беше репрезентативец на Шведска и селектор на Норвешка, а сега ги води Американците во спортот за кој ништо не знае речиси секој втор-трет Американец во просек.
„Ова е неверојатно тешко. Се тестиравме постојано, а последните брзи тестови ги направивме во понеделникот. Сите беа негативни, но кога заминавме да ги видиме резултатите од другите тестови, 18 беа позитивни. Веруваме дека некој од тие што дојдоа од САД ја донесе инфекцијата, но сè уште не знаеме точно, рекол Хедин во изјава за норвешкиот „Афтенпостен“.
Американците и онака едвај скрпија репрезентација од 30-ина ракометари, а сега се соочуваат со масовно ширење на вирусот во селекцијата која се подготвувала во Данска за Мундијалот во Египет. Америка не играла на Светско ракометно првенство уште од 2001-ва година, а имаат вкупно 6 учества низ историјата.
САД е во најтешката група од првата фаза на Светското, со Франција, Норвешка и Австрија, па Македонија по се изгледа ќе влезе наместо Америка која нема да има доволно играчи ако позитивните бидат пратени во изолација.
Во пресрет на Мундијалот, домаќинот Египет во договор со ИХФ најпрво реши да дозволи влез на публика за 30% од вкупниот капацитет на салите, но откако најголемите ракометни ѕвезди меѓу кои Хансен и Сагосен се заканија дека во тој случај нема да допатуваат во оваа африканска земја, челните луѓе на светскиот ракомет ја повлекоа одлуката и ќе се игра без гледачи.