Со 25 години, искуство во Бундеслига, СЕХА, Лига на шампиони, како и со три учества на Европските натпреварувања во сениорска конкуренција, Филип Кузмановски се очекува да биде една од главните алки во играта на Македонија на шампионатот во Унгарија и Словачка.
Добро се паметат неговите бравури како млад и голем талент во Металург, но не секој ги знае неговите занимливи почетоци во Битола. Го бивало за четири спортови и дури во средно до усмериле накај ракомет.
„Бев навистина талентиран за сите спортови и настапував за сите училишни екипи во фудбал, кошарка, одбојка и ракомет. Активно тренирав фудбал во младинските екипи на ФК Пелистер, но кога почнав да растам се појавија и здравствени проблеми со колената и зглобовите и морав да направам пауза. Не можам да се пофалам дека бев добар ученик, ама за спорт бев прв.
Паметам игравме државно првенство во ракомет во Битола и станавме прваци, се направи некоја убава атмосфера, еуфорија и во тој период некако се ме влечеше кон ракометот. Доцна почнав да тренирам во клуб, ама на 15-16 години во младинската екипа на Пелистер под водство на Игор Николовски Ќани. Тој ме откри и многу се трудеше, работеше со мене и не знам како да му се заблагодарам за сето она што го стори за мене.
Ме будеше во шест часот наутро да одиме да тренираме во паркот и на секое дрво да правам финта, да трчам на планината, ме земаше, ме враќаше дома. Ги минав сите млади категории и стигнав до првиот тим на Пелистер. Во тоа време клубот имаше финансиски проблеми, па имавме шанса и простор и ние помладите да играме повеќе и така се развив како играч“.
Раце му се треселе кога добил телефонски повик од Скопје, за да оди на разговор кај Лино Червар, кој тогаш силниот Металург го водел до топ 8 во Европа.
„Уште додека играв за Пелистер добив повик од тогашниот селектор Александар Јовиќ за настап во кадетска репрезентација. Паметам дека беше многу тешко, бекови беа Нелоски, Крстевски, Талески, сите играчи на Металург, а јас немав таков тренажен процес како нив, а и подоцна почнав да тренирам ракомет. Ако добро паметам прв турнир во Бугојно и имаше многу повредени на позиција и добив шанса. Брзо се адаптирав и убаво се вклопив во екипата.
Јовиќ ме препорачува кај Червар и еден ден се шетам низ Битола и ми се јавува Левче Китевски, кој беше дел од раководството на Металург во тоа време. Ми вели Лино Червар сака да зборува со тебе. Јас дете, 16-17 години, добро знам кој е Лино и каков Металург водеше во тоа време, македонски првак и четврфиналист во ЛШ, кој ја победи Барселона таа сезона. Се возбудив, бев изненаден, почнаа да ми се тресат рацете, не знаев што да му кажав. Ме побара да одам во Металург и трансферот се случи веќе на почетокот на следната сезона.
Во Металург сфатив што е професионализам, затоа што се друго беше на страна, а ракометот беше во фокусот. Бевме млада екипа, сите знаат како се работеше со Лино. Морам да потенцирам дека ако не беше тој, јас немаше да се занимавам со спорт или да бидам ракометен професионалец. Тој ми беше тренер, но и втор татко. Од него научив многу работи кои ќе ги користам доживотно. Ме изгради во вистински човек со цврст карактер и сум благодарен за тоа и често сме во комуникација“.
Кузмановски меѓудругото зборува и за трнливиот пат во Бундеслигата, дружењето со другите Македонци кои се таму, потоа за Пепи Манасков, Кире Лазаров, репрезентативното деби против идолот Карабатиќ.
Целото интервју го имате на 24ракомет.