ИХФ потврди, Македонија игра на Светско!

Меѓународната ракометна федерација на својот сајт официјално потврди дека репрезентацијата на Македонија ќе настапи на Мундијалот во Египет.

Македонија влегува наместо Чешка која има голем број позитивни случаи на коронавирус (наводно 19 во репрезентација) и се повлече од настап на Светското. Македонската селекција неколку дена беше во неизвесност, затоа што беше прв кандидат за влез на Мундијалот во случај некоја селекција да се повлече (нашата репрезентација беше прв кандидат поради подобриот пласман на претходното Европско во Австрија, Шведска и Норвешка)

Вечерва тоа и се случи. Ќе играме во Египет, земја во која во 1999-та година го забележавме првиот историски настап на едно Светско првенство.

„Се работи за преземање одговорност. Не сме спремни да патуваме таму под вакви околности. Играчите се многу разочарани. Синоќа ни беше дозволено да одиме на Светско. Но ситуацијата е таква каква што е и тука не може ништо да се направи“, вели селекторот на Чешка Даниел Кубеш (42)

Избраниците на селекторот Брестовац ќе се натпреваруваат во „Каиро Индор комплекс“, најголемата ракометна арена во Египет која собира 16.200 гледачи. Изградена е во 1991 година а во 2015-та била реновинана во ракометен форум.

Нашите најдобри ракометари својот прв дуел ќе го играат во четврток од 19 часот против Шведска, подоцна на 16 јануари ќе се сретнеме со домаќинот Египет а групната фаза ја затвораме со Чиле на 18 јануари.

Токму против Чиле остваривме две победи во Скопје, одиграни како генерална проба на Јужно-американците пред Светското. Во втора фаза одат по три селекции од секоја група, а нашата подоцна вкрстува со Х каде се Словенија, Белорусија, Русија и Јужна Кореја.

За „црвено-жолтите“ ова ќе биде седмо учевство на најголема сцена. Првиот настап го имавме во 1999 година токму во Египет, а потоа следеа СП 2009 во Хрватска, СП 2013 во Шпанија, СП 2015 во Катар, СП 2017 во Франција и СП 2019 во Данска и Германија.

Најдобриот резултат на Македонија на еден Мундијал е деветтото место во 2015 година. За оваа генерација, СП 2021 во Египет ќе биде седми голем светски настан во низа.

Распоред на натпревари:

14 јануари – Шведска – Македонија во 21:30 часот
16 јануари – Египет – Македонија во 19 часот
18 јануари – Македонија – Чиле во  16:30 часот

 

12 јануари 2021 - 18:41