Селекторот Љубомир Савевски по очекуваниот пораз на стартот од силната Франција, реши да ротира па смени три ракометарки со три кои беа надвор од составот. Коловска, Чурлиновска и Гугуљанова се вратија во тимот.
Но ни тоа не донесе големи промени затоа што пред себе нашите ракометарки го имаа светскиот шампион од 2019-та, Холандија.
Како и со Французинките, така и вечерва имавме бавен почеток. Сара Дабеска го постигна првиот гол во четвртата минута за 2-1, но на другата страна одбраната не беше на ниво па губевме 6-1 во почетната фаза.
По 27 минути игра на семафорот стоеше 14-9 а Холанѓанките јуришно ја зголемија предноста па на пауза заминавме со 17-9.
Не значеше многу ни моментот кога холандскиот селектор внесе во игра резервни ракометарки зошто во вториот дел разликата брзо стана двоцифрена.
На крајот конечни 30-15 за Холандија и втор пораз за нашите најдобри ракометарки. Најефикасна во нашиот состав беше Сара Ристовска со четири погодоци а Јована Мицевска запиша шест одбрани.
Кај ривалот, Смитс беше најдобра со седум гола. Вечерва подоцна се игра и вториот меч од нашата група меѓу Романија и Франција.
Следен и последен испит од групната фаза за Македонија ќе биде во среда кога нашите ракометарки ќе се обидат со Романија да ја остварат првата победа во групата Ц.