Во Грција запален дом и локал на фудбалски судија

Непознати сторители доцна во ноќта истуриле канистри со бензин во локал чиј сопственик е грчкиот суперлигашки судија Андреас Гамарис.

Објектот над кој е и домот на фудбалскиот судија Гамарис се наоѓа во атинскиот кварт Перистери. Пожарот набрзо пламнал нагоре и го фатил и станот во кој било семејството на судијата кое набрзо се спасило на кровот додека не дошле службите.

Гамарис последен пат бил делегиран од грчкиот фудбалски сојуз за мечот Олимпијакос - ПАОК (2-4) одигран во Пиреја на 5. ноември.

Подметнатиот пожар се случил во ноќта меѓу средата и четвртокот некаде околу два часот после полноќ. Маскирани напаѓачи дошле со канистри полни бензин и го подметнале пожарот.

40-годишниот судија Гамарис и неговото семејство избегале на кровот од каде ги евакуирале пожарникарските служби.

Во полиција фудбалскиот судија дал изјава и рекол дека не бил во конфликт со никого, дека немал никакви закани претходно и дека не забележал ништо сомнително во деновите пред да се случи нападот. Прелиминарната истрага за нападот ја спроведува полициската управа на Западна Атика во соработка со грчкото обвинителство во Атина.

Ова е само уште една црна епизода во грчкиот фудбал (во случај нападот да е поврзан со фудбалот). Во минатото грчките фудбалски судии исто беа мета на напаѓачи. Од таа причина и од причина што клубовите никако не можеа да се сложат околу тоа кои арбитри да ги судат, правдата на натпреварите во Грција најчесто ја делат судии од странство со амблем на УЕФА.

16 ноември 2023 - 09:21