Ретко поминува натпревар на Лацио на Олимпико без македонска поддршка. Сезонава Македонци го видоа во живо епскиот гол на голманот Иван Проведел во 94-та минута против Атлетико Мадрид, по кој велат дека на трибините доживеале „земјотрес“ како на градското дерби.
Најава од нивна страна има и за мечот против Селтик, а најсвежи им се впечатоците од прекрасната победа над силниот Феенорд од 1:0. Ни пишаа дека пресреќни и презадоволни од патувањето од кое имаат многу материјал и само позитивни импресии.
„Мечот против Феенорд од 4. коло го избравме по случаен избор, без да го гледаме името на противникот. Најважно беше да има авионски карти по пристојни цени и да сме во вторник во 21:00 на Олимпико.
Одлуката падна брзо и експресно и тоа веднаш по делириумот кој се случи по голот на Проведел. Додека една група урлаше од радост на трибини од каде ни праќаа видеа, ние тој меч го гледавме собрани во Скопје и веднаш се активираме околу организацијата.
Пристигнавме на денот на мечот и се сместивме во Рома Трастевере, срцето и душата на Рим за вечерно излегување. Ако треба компарација, тоа е како наше Дебар маало.
Првата задолжителна станица беше Понте Милвио, мостот на кој се собираат навивачите на Лацио пред натпревар. Таму се наздравува со пиво и се почнува со навивачки песни, како загревање за големиот настан. Потоа река народ се движи накај стадион.
Картите ни беа купени на трибината зад голот, а со ултрасите не делеше само една стаклена ограда. Стадионот за жал не беше полн, поради тоа што многу навивачи редовно протестираат против арогантниот Лотито на кој бизнисот секогаш му е поважен од трофеите и кој во 20 години на чело на клубот и покрај бројните ветувања, никогаш не изгради шампионски тим. Овој пат му се лути поради поскапувањата на картите кои никогаш не биле со толку високи цени.
Спектаклот на величествениот Олимпико почна со химната на Лацио, а потоа следуваше безвременската „My Way“ на Френк Синатра. Ја пејат со своја верзија, на италијански, а текстот се разбира е наменет за Лацио. Третата нумера е незаменливата химна на ЛШ.
И се разбира, прекрасната атмосфера и расположението не би било на ниво, ако не постоече човекот по име Чиро Имобиле, кој веќе има загарантино место меѓу најголемите легенди на клубот.
Три пати најдобар стрелец во Серија А, рекордер по број на голови во една сезона (36), заедно со Игуаин, Златна копачка и прв стрелец во историјата на Лацио. Го завери голот број 200, кој беше инспирација за насловна страна во Кориере дело Спорт и гол за многу важни 3 бода во битката за осминафинале.
Го даде во финишот од првиот дел, точно пред наши очи за делириум на трибините. Кога судијата свирна крај, следуваше нова овој пат победничка фешта, повторно со химната на Лацио, но и со една прекрасна балада „I giardini di marzo“ на Лучо Батисти. Момент за ежење и кулминација на незаборавниот провод на стадион.
Следното утро беше совршено: Италијански појадок со кафе и кроасан со нутела со поглед на Пантеон, едно од најпознатите историски места во центарот на Рим. Сончево време за по кратки во сред ноември, победничко располжение па уште и келнер кој навива за Лацио, спремен со две куси приказни за Серџо Крањоти и Клаудио Лотито. Врв.
Прво што ни кажа е дека седиме во бар, каде Крањоти секоја недела доаѓа со негова сопруга, која има змија во џебот. Кога тој им остава бакшиш, таа скришно го собира од маса. Циркус. И втората: Кога келнерот бил на некое лекување во болница, се погодило да го лекува докторот задолжен за фудбалерите на Лацио. Прво го здогледал тогашниот нивен играч, Аргентинецот Лукас Биља, а потоа и Лотито, како спие на стол, нешто што е општо познато за него и за што го исмева цела Италија.
Рим е посебна приказна и неисцрпен извор со анегдоти за фудбал. Шофер на автобус ни свирна и не поздрави со насмевка кога ни ги виде клупските обележја. Трепереше од среќа и постариот љубезен господин во продавницата за пармезан кога се појавивме со маици од Лацио. Не испрати со насмевка и едно „Форца Лацио“.
Само еден ден по триумфот во ЛШ, веќе почна да се чувствува тензијата пред дербито. Кориере пишуваше за првите кошкања неѓу Сари и Мурињо, а во официјалниот фан шоп, вработениот ни рече дека не мисли повеќе на победата во ЛШ и воопшто не го интересира мечот меѓу Италија и Македонија кој не смеат пак да го кикснат. Во главата му е само вечното дерби закажано за в недела.
Двата преостанати дена после мечот беа како измислени за долги прошетки во преубавиот Рим, уживање во врвната кујна, но и една посебна посета, а тоа е Пјаца Либерта, местото каде е формиран Лацио пред 123 години“.
Lazio fans Macedonia