Поради расистички и фашистички испади, 2 пати прекинат мечот Бугарија - Англија

Англиската фудбалска репрезентација со 6 гола во мрежата на Бугарија го трасираше патот кон Европско првенство 2020, но натпреварот ќе остане во сенка на она што англиските медиуми го најавуваа цел месец наназад.

Натпреварот во Софија го водеше хрватскиот судија Иван Бебек, кој два пати ја прекинуваше играта во првиот дел, поради расизам на адреса на англиските фудбалери.

Поединци од трибините (воглавном од делот каде стоеше знамето Lauta Army, навивачка група привзраници на Локомотив Пловдив), свиреа секој пат кога Рахим Стерлинг ја имаше топката во посед. Дефанзивецот на Астон Вила, Тајрон Мингз кој дебитираше за Англија на овој меч, му кажал прво на Хари Кејн а потоа го прашал и судијата Бебек дали ги слуша расистичките извици. Тогаш Бебек го прекина мечот.

Спикерот на стадионот објавил дека натпреварот ќе биде прекинат и дури и суспендиран ако урлиците продолжат. После неколку минути мечот продолжи но навивачите на Бугарија не престанаа (некои дури и нацистички салутираа), па во 43 минута натпреварот одново беше прекинат.

blockquote

По разговор со селекторт на Англија Гарет Саутгејт и делегатот на УЕФА, хрватскиот судија пак го продолжи мечот и даде 6 минути продолжение. Стерлинг во првата минута од продолжението ја доведе Англија во водство од 0-4.

Прв кон навивачите тргнал фудбалерот на Ростов и капитен на Бугарија, Ивелин Попов кој барал да се смират и да прекинат, зошто постои голема можност мечот да биде дефинитивно прекинат. Тоа успеало и второто полувреме поминало без расистички испади, а Англичаните постигнаа уште 2 гола за конечни 0-6.

АНГЛИСКИТЕ МЕДИУМИ ЕДЕН МЕСЕЦ ПОВИКУВАА НА ВНИМАНИЕ ЗА ДУЕЛОТ ВО СОФИЈА

Во мартовскиот натпревар меѓу Црна Гора и Англија, наводно англиските новинари забележале дека домашните навивачи ги навредувале црномурните фудбалери Дени Роуз, Калум Хадсон-Одои и Рахим Стерлинг. УЕФА ги казни Црногорците со еден меч без публика.

Натпреварот во Подгорица ниту еднаш не беше прекинат, а луѓето од ФА, според информациите на The Telegraph, тогаш не знаеле дека можат да го информираат капитенот подетално, овој да му пренесе на судијата кој би го прекинал натпреварот.

Пред натпреварот со Бугарија, Англичаните се спремаа. Селекторот Саутгејт спровел детални инструкции кои донесоа резултат: На проблемот со расизам од трибините, на судијата му укажува капитенот а овој не може и не смее да го игнорира апелот.

Бугарските навивачи веќе извикуваа расистички скандирања за време на натпреварите со Косово и Чешка поради што УЕФА затворила сектори со 5.000 седишта за мечот со Англија.

Најгласен во борба против расизмот пред квалификацискиот меч Бугарија - Англија беше шпицот на Челси, Теми Абрахам кој предупреди дека играчите нема да продолжат да играат ако има расизам и ќе го напуштат теренот.

Интересно, овие најави од Англичаните беа причина претседателот на Бугарската фудбалска федерација (доцна синоќа дал оставка), Борислав Михајлов да напише писмо до УЕФА, во која ги нарекол навредливи коментарите на Саутгејт и неговите играчи и рекол дека во последните 8 години неговата федерација завршила голема работа во борбата со расизмот.

„Ова се многу неправедни, нефер обвинувања, но и постојани обиди да се наруши атмосферата пред овој толку очекуван меч“, му напишал Михајлов на генералниот секретар на УЕФА Теодор Теодоридис.

Фудбалската асоцијација на Англија соопшти дека побарала од УЕФА да го истражи случајот на расизам. Едно е сигурно, Бугарската фудбалска федерација, а и репрезентација ги очекува драконска казна.