Архивите на италијанските весници на 26 јануари 1981 година излегоа со натпис за еден трагичен настан на кој цел Рим чекаше исход 14 месеци:
„Вчера наутро се предаде навивачот на Рома кој во октомври 1979 година со ракета уби навивач пред стартот на дербито меѓу Рома и Лацио. 19 годишниот Џовани Фиорило и се предаде на полицијата и се појави заедно со родителите и со тројца адвокати. Беше испрашуван на обвинителна клупа, а тој раскажа како 14 месеци се криел, работел што ќе најде и го криел својот идентитет“.
Сè се случи на 28 октомври 1979 година, незаборавниот датум за навивачите на Лацио на кој преку разни транспаренти се сеќаваат веќе четврта деценија. Фиорило испукал една од четирите ракети кои ги носел на стадион не знаејќи дека ќе предизвика огромна трагедија по која му се загорчи животот. Ракетата летала 250 метри колку што се оддалечени двете трибини на ултрасите, сместени зад головите и го погодила 33 годишниот Винченцо Папарели кој заедно со сопругата и двете деца заминал на стадион.
Го погодил точно во око. Судијата бил веднаш информиран за случката, но одлучил натпреварот да започне сè со цел да се обиде на тој начин да помогне да престанат инцидентите. Винченцо бил веднаш пренесен во болница, но починал во амбулантното возило. Мечот завршил 1:1 и дури по крајот на средбата пристигнала информацијата за неговата смрт.
Следните денови инцидентот бил топ тема во медиумите и веднаш се зборувало за проблемите околу насилството на стадионите, како и за обезбедувањето, а полемиките биле предмет на дискусија и во италијанскиот парламентот.
По неколку дена бил уапсен 18 годишен студент по име Енрико Марчони, како и газдата на дуќанот кој им го продал пиштолот од кој била лансирала ракетата. Од нивните сведоштва полицијата заклучила дека сторител на убиството е Џовани Фиорило, дете како и сите други Романисти одело да ја бодри Рома. Живеел на Пјаца Виторио, мајка му работела во супермаркет, а татко му бил механичар. Важеле за народни луѓе. Кога полицијата им тропнала на врата, Винченцо не бил дома и тука му ја губат трагата.
Во ноември 1980-та излегува интервју со него, направено на тајно место во Швајцарија. Новинарот го прашува: Како си? Тој одговара: Лошо, фала. Со искинати фармерки и цигара во рака му вели на новинарот: Ајде да пиеме кафе и ќе ви раскажам се. По Џовани била испишана потерница и во Италија го носи епитетот "killer dell'Olimpico", но сепак решава да даде интервју во кое е отворен и искрен.
Тешко ли е да се живее како бегалец?
И повеќе од тоа. Треба секогаш да бегаш од сè и сешто. Секој што ќе го сретнеш може да биде полицаец. Затоа решив на ова да му ставам крај. За 20 дена, најмногу еден месец, ќе се предадам, ќе се вратам во Италија и ќе се соочам со процесот. Не можам повеќе вака, веќе им се јавив на адвокатите, имам 19 години и да ме осудат, потоа повторно ќе можам да му се вратам на животот.
Човекот кој го уби имаше 33 години. Помисли на тоа?
О Боже како не помислив. Не спиев цела ноќ, ова е мојата пеколна година, најлошата во мојот живот.
Зошто баш тука ни рече да дојдеме? Кој ти го предложи местово?
Никој, не се труди да дознаеш бидејќи ќе дојдеш до погрешни заклучоци. Не знаев дека фашистите проаѓаат од тука, како и да е не сум црнец ако сакаш да знаеш и не се интересирам за политика. Мојата партија е Рома.
И сега после сè што се случи?
Да
Кој ти даде пари за да преживееш? Кој ти помага? Сопругата на Папарели во едно интервју рече дека има некој што те штити, кој го финансира твоето бегство.
Не, немам никој таков. За да преживеам морав да работам ден за ден. Миев садови, чистев и сл.
Не се плашиш дека ќе те откријат?
Безброј пати. Првиот пат ми се случи веднаш по немилиот настан. Се криев во кола десетина дена. Потоа фатив воз за да се вратам во Рим и здогледав полицаец кој читаше весник во кој имаше слика од мене. Од страв да не ме препознае ставив весник на глава и се преправав дека спијам.
Другарите застанаа зад тебе?
Не, ме напуштија. Ни куче не се појави кај мајка ми да се распраша за мене. По тој ден немав храброст да ја побарам ниту девојка ми.
Што паметиш од тој ден?
Сè. Врисокот на навивачите, звукот на истрелот...
Каде го набави?
Во една продавница, каде на друго место. Ден пред дербито се најдов со другарите и бевме да купиме.
И потоа?
Отидовме да купиме нешто за да направиме малку неред. Во првата продавница немаше ништо од тоа што баравме, а во втората ни покажаа ракети со црвено светло. Прашавме дали се опасни, а газдата ни рече дека не се. Ако пукате хоризонтално ќе летаат 50 метри, потоа се отвора падобранец и ќе можете да ги фатите со раце. Ако тоа не ни го кажеше немаше да ги купиме, но не измами. Инструкциите беа напишани на англиски, но никој не го разбираше тој јазик. Потоа сфативме дека тоа се вишок на производи кои потоа ги немаше повеќе на пазарот.
Кој ви даде пари за тоа? Рома?
Сè е од наша пот, сами се погриживме. Клубот нема врска со тоа. Тој ден немаше контроли на стадион и јас ракетите ги внесов два часа пред стартот.
Потоа што се случи?
Лацијалите правеа проблеми и ние сакавме да возвратиме. Првата ракета што ми беше во рака ја лансирав и тоа беше прв пат да направам нешто такво. Потоа сакав и втора, но имаше многу густ чад и во маглата видов само толпа со навивачите на Лацио, ништо друго.
Знаеше ли дека уби човек?
Не, дознав на радио и од луѓето што збореа на стадион.
Потоа што направи?
Останав на моето место да го гледам натпреварот. Се надевав дека тоа не е мојата проклета ракета. Кон крајот на првото полувреме забележав дека навивачите ме гледаат чудно и почнав да паничам. Откако ги отворија вратите си заминав.
Еднаш ако не се лажам испрати допис до еден весник во кој негираше сè.
Не знаев повеќе што да правам за да избегам од вината, го изгубив умот. Тој ден не сакав на никој да му направам лошо и шетав без фантомка. Никогаш не сум бил насилен. Добро понекогаш сум се тепал со навивачите на Лацио, а само толку. Секогаш се плашев да не изедам ќотек. Уште како дете бев понижуван и не ме почитуваше никој.
Од секогаш беше Романиста?
Навивав за првиот на табела кој во тоа време беше Јувентус, но потоа се заљубив во Рома. Почнав да одам на стадион на 8 години со сестра ми. На 13 години почнав да работам бидејќи не сакав да учам и со првата заработка купив годишна карта за Курва Суд.
Да се вратиме на бегството.
Нема што друго да се каже. Кога другарите кои останаа на стадион до крајот на натпреварот ми рекоа дека полицијата ме бара за убиство на човекот, избегав. Прво се јавив дома и и кажав на мајка ми дека ќе одам во Пескара.
Друго не и кажа?
Да не сум будала? Зарем можев да и кажам дека убив еден. Ќе се онесвести.
Имаше пари со тебе?
200.000 лири. Барав да ме прими еден пријател кај него дома. Другиот ден се преместив на друго место и потоа почнав да бегам на различни места, а бев и во странство.
Сега како ги поминуваш деновите?
Работам кај стигнам. Навечер не излегувам никогаш, а не одам ниту во кино од страв да не ме застанат за да ми побараат документи.
Ги имаш ли од тогаш видено родителите?
Не и за тоа ми е најмногу жал и плус дома помагав со пари. Заработував 50.000 лири неделно и скоро сите ги давав дома. Татко ми нема да може да го турка семејството напред.
Си бил од тогаш пак на стадион?
Не, немам храброст, но еден ден ќе се вратам. Можеби на трибина, но не на Курва Норд.
Се каеш за тоа што го направи?
Ако видам некој со ракета во рака ќе му ја забијам во грклан. Си го уништив животот со таа глупост што ја купив.
Си имал ли други проблеми со правдата?
Ма какви проблеми. Сум правел само по некоја глупост. Ме осудија 4 месеци за грабеж кога немав денар во џеб и еднаш како мал си играв во една украдена кола од други луѓе. Тоа е сè.
Што ќе правиш откако ќе се предадеш?
Ќе и напишам писмо на сопругата на Папарели и на нивните деца за да барам прошка.
Се плашиш да одиш во затвор?
Не. Се плашам да излезам. Сигурен сум дека Лацијалите нема да го заборават тоа што се случи и кога тогаш ќе ме бараат за да ги израмнат сметките. Тоа беше срам, проклетство, а не криминал.
По завршувањето на интервјуто, Џовани му рекол на новинарот:
„Наскоро се гледаме во Рим, се подготвувам за последното танго“.
Италијанската полиција повика на разговор над 150 навивачи на Рома, а Џовани Фиорило се предаде по 14 месеци бегство. Осуден е на затворска казна од 6 години и 10 месеци дури во 1987 година, а во 1993-та починал од предозираност со дрога.
За случајот со убиството на Винчецо Папарели се вмешале и политичарите, а на неговиот погреб се појавија илјадници навивачи на Лацио. Курва Норд денеска се потсеќа на 37 годишнината од убиството на Папарели кој беше само невина жртва на Олимпико, а на 13 јуни 2011-та почина и неговата сопруга на 61 годишна возраст.
Кога во 2007 година за време на инцидентите на сицилијанското дерби загина полицаец се огласи синот на Винченцо Папарели:
„Веќе нема што да се каже и да се мисли. Со години се зборува дека фудбалот треба да се промени и дека се потребно нови закони, но ништо не е сменето. Само ќе ги одложат натпреварите и толку, а имаше и други жртви како Марко Форгеси во 84-та, Антонио Де Фалки и Нацарено Филипини во 89-та, Антонио Куро во 2001-ва. Колку жртви се потребни за да се каже стоп. Јас и мајка ми не можеме да го поднесеме повеќе ова, ни се гади“.
Емотивното видео кое го објави Лацио пред две години