Само фудбалот може да испише една ваква сторија, која верувајте дека импресионира и ни е посебно драга, затоа што овој пат нема да пишуваме за љубовта на Меси кон Барселона, верноста на Милер во Баерн или хуманоста на Роналдо.
Туку за наши луѓе и за тоа колку е важна релацијата играч - навивач. Едниот без другиот не оди. Првиот се вика Горан Пандев, а другиот Игор Ордев.
Сè почнува на 2 декември 2004-та во Атина, кога Лацио во тогашниот Куп на УЕФА му гостувал на Егалео. Римјаните допатувале со Паруци, Ди Канио, Цезар, Ливерани, Коуто, Инѕаги, но Игор кој во тоа време студирал во Грција, заминал на стадион поради настапот на Македонецот Горан Пандев, тогаш 22 годишен, кој ја играше првата сезона во Лацио.
„Се сеќавам дека бев со уште еден другар и на крајот на мечот почнаа навивачите да се симнуваат на терен. Прв пат видов такво нешто откако одам на стадион и решивме и ние да се симнеме. Му пријдовме на Горан и си направивме муабет. Не праша како сме се нашле баш тука и на крај мене ми го даде дресот, а на другарот маицата“.
„Бев воодушевен од неговиот однос, а на крај му посакав успешна кариера и многу голови. Само три дена подоцна ја направи онаа славна мајсторија против Јувентус, кога ги легна Канаваро, Турам и Ѕебина на колена и го совлада Буфон. Натпреварот го гледав во кладилница и скокав од радост“.
Воодушевен од тоа колку може да биде еден играч едноставен и непосреден, без разлика што игра за голем клуб и во една од најјаките лиги, Игор од тогаш ја следи цела кариера на Пандев.
Го следи за репрезентација и дома и на гости и како што тој ги менува клубовите, така Игор ги реди патувањата. Од Атина, продолжил да го гледа во Рим, па во Милано за Интер, неколку пати во Џенова и на крај во Парма.
Неговата поддршка е толку голема, што многу ја цени и самиот Пандев со кој си размениле броеви. Меѓу нив се развило и пријателство, кое веројатно и не е така лесно да се оствари со секој друг славен спортист.
„Гледаме патувањата да ги врземе со фудбалски натпревари. Сум бил повеќе пати во Италија на натпревари на Пандев, а овој пат во Парма заминав со сопругата. Горан не пречека во хотел и ни даде дресови, а кога обично одиме му се најавуваме и ни средува и за карти. Еднаш низ разговор ни препорача во кој ресторан да одиме на ручек и замислете се јави да ни резервира маса во негово име“.
Колку е ценет Пандев во Италија потврдува и оваа случка на Игор.
„Влеговме во еден ресторан и ни велат дека нема место, сè е резервирано. Доаѓа газдата, ми го гледа дресот од Пандев и вели, поради дресот ќе најдеме маса и ни најде.“
По првата средба со Пандев во Атина, Игор ја почнал колекцијата на дресови која брои 20 само од Пандев, од кои 16 му се подарок од него, дел носени на натпревар.
Инаку Ордев е голем фан на македонската репрезентација која ја бодри и на гостувања, а колекцијата на дресови ја проширил и стигнал до вкупно 80 дресови од наши репрезентативци.
Се познава лично со дел од нив и освен на репрезентативни, им оди и на клупски настапи.
„Собирам дресови и од нивните клубови и од репрезентација. Им пишувам, а тие често пати ни даваат карти и дресови. Големо богатство е тоа. Бевме и лани на Европското првенство, а сум бил и на гостувања дури и во Лихтенштајн. Таму бе прашаа: Што барате тука? Секако ќе победите“.
Но она што го освоило срцето на Игор е големината на младиот талент од Струмица кој воопшто не се однесувал како ѕвезда. Го сретнал пред 18 години, му ја следел цела блескава кариера и последното патување го темпирал токму за последниот фудбалски танц во Парма пред домашните навивачи.
За ваква сторија, Италијанците би рекле „Calcio romanticо“. Сторија која ни открива колку верни навивачи имаме и колку тие се ценети од наши репрезентативци, посебно од легендата Горан Пандев со која завршува една златна фудбалска ера која ќе остане во аналите.
Најдовме видео од мечот Егалео - Лацио на кој присуствувал Игор Ордев и на кое ќе може да видите две шанси на Пандев на 4:50 и 5:37.