Регионалниот административен суд во Кампања донел одлука да се забрани продажба на влезници за гостински навивачи на стадионот „Диего Армандо Марадона“, поради страв од нереди со домашните тифози.
Тензијата пораснала откако пред неколку дена германските навивачи нападнале колона италијански комбија и други возила на автопат пред Франкфурт.
И покрај сите апели и забрани, група од околу петстотини навивачи на Ајнтрахт допатувале со воз од Салерно во Неапол каде полицијата е на максимална приправност. Веднаш експресно бил организиран превоз со десетина автобуси и силна полициска придружба до локалните хотели.
Тифозите на Наполи со стотина мопеди тргнале во прав лов и потрага за гостински навивачи, но за среќа биле избегнати поголеми нереди.
Прашање е дали германските навивачи ќе се обидат да тргнат кон стадионот на Наполи вечерва за кога е закажан реваншот од 1/8 финале. Елиф Елмас, Осимен и другарите имаат огромна предност од два гола.
Зошто Италија не ги пушта најбројните германски навивачи во Неапол?