Навивачите на Ајнтрахт Франкфурт изминативе години изградија репутација на едни од најверните и сигурно најбројните во Европа на гостувања.
Облечени најчесто во бело или во црно, како боите на клубот, навивачите на Ајнтрахт, илјадници на број патуваат ширум континентот, дали во Лига на шампиони или Лига Европа.
Така ја опседнаа Барселона, а направија инвазија и во секој друг град каде што Ајнтрахт гостуваше. На „Камп Ноу“ поставија рекорд на некогаш видени гостински навивачи, со преку 30.000 беа побројни и од домашната каталонска публика.
ЗОШТО ВО ИТАЛИЈА ИМААТ СТРОГА ЗАБРАНА ЗА ГОСТУВАЊЕ НА НАВИВАЧИ НА АЈНТРАХТ ВО НЕАПОЛ?
Како што е редот, секој гостински клуб треба да добие одреден процент влезници од домаќинот. Така Наполи добил 2.700 карти за неговите навивачи пред две недели кога Елмас, Осимен и другарите гостуваа во Франкфурт и победија 0-2 на гости кај Ајнтрахт.
И сега кога дошол ред Наполи да обезбеди исто најмалку толку карти, властите во Италија и градот Неапол носат одлука да се забрани присуство на навивачи на Ајнтрахт.
Сево ова, иако неофицијално, доаѓа после обидот на стотина навивачи на германскиот клуб, да ги нападнат навивачите на Наполи на еден автопат близу Франкфурт пред почетокот на мечот во Германија.
Притоа меѓу навивачите на Ајнтрахт имало и нивни пријатели од Бергамо, тифози на Аталанта со кои се збратимени и кои се во непријателски однос со Наполитанците.
Полицијата го осуетила планот, ги сопрела сите комбиња со навивачи кои патувале од Неапол, привела неколку германски и италијански навивачи.
Поради тоа што нивни другари биле приведени и доцнеле за мечот, тифозите на Наполи не навиваа долго време откако истиот натпревар започна.
Hessischer Rundfunk пишува и дека италијанските власти и безбедносни служби планирале дури и да забранат каков било влез на германски државјани дента за мечот, свесни до какви инциденти може да дојде ако се судрат навивачите на Наполи и оние на Ајнтрахт. Посебно ако германски навивачи шетаат слободно низ Неапол.
Притоа треба да се има предвид и дека овие два тима играа во Куп на УЕФА во сезоната 1994/1995 и тогаш имало навивачки нереди околу стадионот.
Надлежниот TAR Campania (Tribunale Amministrativo), регионален суд за реонот Кампања ја одбил и втората жалба од Ајнтрахт Франкфурт и неговите навивачи кои барале да им се дозволи влез.
„Инцидентите кои се случија за време на првиот меч на 21-ви февруари со Наполи, не може да се опишат како спорадични или неорганизирани. Епизодите кои генерираа чувство на ривалитет, документиран по еден мониторинг на социјалните мрежи, не само кон германските навивачи туку кон кој било, наговестува насилни акции кон ривалски навивачи“, стои во одговорот на жалбата.
Германскиот клуб е бесен поради ваквата одлука и веќе се жалел до УЕФА дека не им се гарантирани безбедност ниту карти за мечот.
„Ова е единствен настан во европскиот фудбал. Многу жален ден за сите нас. Да се влијае на натпреварувањето под маска на некаква безбедносна ситуација претставува кршење на фер конкуренцијата. Немаме никакви можни средства кои би ги користеле за да влијаеме на оваа одлука“, се пожалил членот на управата на Ајнтрахт Филип Решке.
Тој додал дека исто и првиот меч бил од зголемен, највисок ризик, па италијанските навивачи биле пуштени на стадионот во Франкфурт.
„Ова е несериозно и неприфатливо мешање на италијанските безбедносни органи во европското клупско натпреварување“, рекол претседателот на управниот одбор на Ајнтрахт Аксел Хелман, несвесен дека Неапол не е баш гостопримлив град за ривалски навивачи, особено не за оние кои нападнале Наполитанци.
„Оваа одлука на властите не шокираше! Не очекувавме дека сите влезници ќе бидат поништени. Ова е врв на безобразлук! Што се мешаат политичарите? Ни ја одземаат нашата игра!, бурно реагирала претседателката на фан клубот навивачи на Ајнтрахт, Ина Кобушински.
ТОЛПА КОЈА ОДИ СЕКАДЕ
Во ноември 2022-ра со навивачите на Ајнтрахт се случи нешто слично. Спортинг Лисабон пред решавачкиот меч од групна фаза со германскиот клуб, не можел да реализира 16.000 карти за гостински навивачи на стадионот „Жозе Алваладе“. Толку навивачи допатувале а предвидени биле само 2.500 карти кои се продале брзо.
Спортинг имал варијанта да им ги продаде преостанатите карти на навивачите на Ајнтрахт, но клубот знаел дека така гостите ќе имаат поголема поддршка, па за домашните сектори се продавале очекувано само за оние кои поседуваат сезонска карта.
На крајот Ајнтрахт победи и се пласираше во нокаут фаза а Спортинг како трет продолжи во Лига Европа.
Минатата сезона на „Камп Ноу“ на реваншот од четвртфинале на Лига Европа, во Барселона имаше десант на германски навивачи. Повеќе од 30.000 симпатизери на Ајнтрахт стигнаа во Каталонија и буквално го освоија стадионот и улиците низ градот.
„Тоа што се случи на трибините срам кој не смее да се повтори. Должни сме да разбереме што се случи, за да се преземат мерки зошто ова е срамно. Мора построго да водиме некои работи и да не допуштаме веќе слични работи. Мене ми е срам како навивач на Барселона“, изјави тогаш претседателот на Барса Жоан Лапорта за епизодата кога многу сезонци на клубот ги продавале своите карти на навивачи на Ајнтрахт кои масовно купувале.
Во Италија сега постои страв дека и покрај сите одлуки и забрани, навивачи на Ајнтрахт секако ќе се обидат да стигнат до Неапол чии градски власти се плашат од реванш на хулиганите кои биле нападнати во Германија.
УЕФА не се огласи досега. Мечот се игра на 15 март вечер.