Во германската Бундеслига никогаш не се играл фудбал во понеделник навечер. Никогаш освен сезонава кога овој неславен термин имаше свое деби.
Дури 26.000 редовни „сезонци“ на Борусија Дортмунд во понеделникот останале дома за време на мечот против Аугзбург (1-1) а главен кривец за тоа е договорот за тв-права. Голем број навивачи не дошле на стадионот поради бојкот на понеделничкиот вечерен термин, воведен неодамна во Бундеслигата. Познатиот „Жолт ѕид“ на ’Сигнал Идуна Парк’ овојпат не беше така жолт каков што го знаеме.
Новиот договор за телевизиски права којшто стапи на сила сезонава, Бундеслигата го најави уште во 2016-та година. Уште тогаш беше јасно дека Eurosport ќе пренесува пет меча сезоната, во понеделнички термини. Првиот од нив беше предминатиот понеделник кога почнаа протестите во Франкфурт.
Овој понеделник, на 26. февруари, навивачите на Борусија кои важат за едни од најверните на свет беа уште порадикални од колегите од Франкфурт и воопшто не дојдоа на мечот со Аугзбург.
Управата на лигата објавила дека идејата со понеделнички фудбал наводно е ескперимент, но тие точно го составиле календарот во завист од тоа кога екипите играат во Лига Европа. Не споменале за тоа дека со новиот договор за тв права приходите на Бундеслига пораснале за два пати и првпат во историјата ја надминале сумата од 1 милијарда евра годишно.
Но тоа не ги убедило сите. Навивачите се жалат дека Бундеслигата мисли само на пари и дека не ги уважува нивните интереси. Натпреварите во понеделник не се добри за фановите кои не можат да стигнат на време зошто е работен ден и на крајот од краиштата навикнати се традицонално за викенд да одат на фудбал.
„Сакаме да покажеме дека вака со овој термин навивачите ќе изгубат интерес или нема да дојдат на натпреварите поради лошиот термин. Вака би можел да изгледа нашиот стадион во иднина. Оваа наша порака не е само до федерацијата и бундеслигата, туку до сите клубови кои прифатија да играат во понеделник за да ги зголемат приходите од тв права“, рекол водачот на една од подгрупите навивачи на Дортмунд, Андреас Асман за едно радио.
Директорот на Борусија, Ханс-Јоаким Вацке изразил вознемиреност поради протестот на навивачите: „Гледам дека навивачите стриктно се противат на понеделник. Без тие натпревари ние веројатно би земале 1-2 милиони помалку, но чувството за единство со навивачите вреди многу повеќе“.
Пред мечот било најавено дека околу 15.000 гледачи нема да дојдат на натпреварот, но на крај се испоставило дека 26.000 ја испочитувале акцијата.
На мечот имало околу 54.300 гледачи што е далеку помалку од стандардните 80.000 гледачи на стадионот на Борусија. Последен пат толку „малку“ луѓе го гледале Дортмунд на 28. март 1998 година. Пред 20 години.