Милото дете од Авганистан го изгубило дресот од Меси, преживува војна

Родителите две години не го пуштале во школо затоа што се плашат некој да не го киднапира и да бара голем откуп од Меси и од богатите институции.

Муртаза Ахмади, детето кое пред неколку години беше светска вест број еден откако се појави фотографија како на снег игра со топка, облечен во аргентински дрес направен од најлонски кеси со напишано името на Меси и неговиот број на грбот, минува низ тежок период со семејството.

Откако фамата за малиот Муртаза спласна, за него имаше малку вести во последните неколку години.

Муртаза денес живее во воен виор во сиромашното градче Газни на југот од Авганистан. Има пет години и уште многу го сака Лионел Меси и фудбалот.

„Близу нашиот дом нема фудбалско игралиште, има само топка ама крпена“, рекол малиот Муртаза за CNN.

Пред неколку години кога се појави неговата фотографија со дресот од кеси, јавноста тргна во потрага по него но се испоставило дека нема лесно да го најдат.

Најпрвин се тврдело дека е од Ирак, но подоцна Фудбалската федерација на Авганистан соопштила дека тие го нашле малиот кој живее во нивната земја. Прво му подариле комплет опрема од Барселона и ветиле дека ќе направат се што е можно за малиот да се сретне со идолот.

„Веќе стапивме во контакт со Лео Меси и Барселона за да организираме средба“, изјавил Али Каземи, тогаш чиновник во федерацијата на Авганистан.

Меси му пратил и негов дрес со автограм и уште неколку дресови и опрема за неговото семејство.

„Меси ме направи среќен. Сега сум најсреќното дете на свет. Го сакам Меси и мојот дрес значи дека и Меси ме сака исто мене“, тогаш рекол малиот Муртаза.

Во декември 2016-та малиот Муртаза конечно го сретна својот идол во Доха:

ОД БАЈКА ДО КОШМАР

2018. Близу родниот крај на малиот Муртаза, местото Џагори во Авганистан, вооружените Талибанци го нападнале градот Газни. Семејството заедно со малиот го напуштиле домот и избегале. Во ноември годинава етнички шиитската група Хазара била нападната од сунитските Талибанци.

„Брзавме во целиот неред и не можевме да земеме многу од работите со нас. Така дресот од Меси и топката останаа во домот. Мама ми кажа дека треба да ги заборавам“, рекол малиот Муртаза.

Денес живеат во Кабул, главниот град на Авганистан.

„Откако Муртаза се запозна со Меси, луѓето почнаа да ни завидуваат. Сите мислат дека Меси ни дава пари, ни подарува многу пари, мислат дека не спонзорира.

Но не е така. Лионел ни подари два дреса и тпка. Тоа беше преубав гест од негова страна. Но ние се плашиме да не го киднапираат Муртаза и да бараат огромен откуп.

Поради тоа не го пуштавме во школо да оди во последните две години. Се поради безбедност“, вели постариот брат Хумајон. Семејството не бара помош од Меси, но Муртаза верува дека Лео може и сега да им помогне.