Впечатливиот банер е на Наце Митев, струмичанецот кој живее во Германија и кој ужива да патува на фудбалски натпревари.
На редовно мени му е Македонија, која минатото лето ја бодреше во Букурешт. Ја следи и фудбалската и ракометната репрезентација кога имаат гостувања низ Европа.
Најтазе дестинација му е стадионот Енио Тардини каде ја гледаше култната Парма во втора лига. Се знае зошто. Поради Горан Пандев.
Се појави со екипа, на која покрај банерот може да се забележи и македонското знаме.
Ќеифот да го гледа и бодри Гочето во живо му беше уште поголем, бидејќи фати и гол, прв на неговиот втор настап за Парма која го декласираше Порденоне со 4:1.
Сончево време, другари, пивце, гол на Пандев за новиот нов клуб на крајот од кариерата. Остануваат ваквите моменти во меморија.
Наце го фати во живо и ремек делото на Меси против Ливерпул во ЛШ, а ни сподели и една убава приказна за Германец кој патуваше на ЕП во Букурешт за да ја бодри Македонија.