Ливерпул е голема фамилија која не се дели по националност, етникум или религија

Седум години по ред, луѓе од шест држави организираат епски дружби за кои потоа се зборува со денови, а најубаво е да се доживеат на лице место. Овој пат беа собрани 400 фудбалски фанатици во Скопје, а ги спојува и поврзува нивниот омилен Ливерпул. Организаторот не може на себе да дојде од што е импресиониран.

Лани се собраа во Србија, догодина се чекаат во Црна Гора, а викендов беа во Скопје, собрани и стокмени сите во нивната традиционална црвена боја. Домаќини беа Macedonian Reds кои организираа целодневно дружење со свирка, играње фудбал, пиво на тони, скара и секако гледање фудбал.

Им се падна реприза од последното финале во ЛШ, Ливерпул - Тотенхем. Тогаш тепаа 2:0, а сега 2:1 со пресврт. 9-тиот регионал собир го опишува организаторот Игор Јадровски, кој денеска е без глас, ама затоа и седна здраво на тастатурата. Нека ви се множат, веруваме дека се чувствувате преубаво.

„Ќе ми требаат уште неколку денови да си ги средам емоциите, да ги регенерирам гласните жици и да отспијам солидни 15ина часа и пак не сум сигурен дали ќе можам да го пренесам сето она што го чувствувам за неверојатниот викенд кој го имавме.

9тиот регионален собир на навивачи на Ливерпул помина фантастично, во атмосфера која може да се создаде и доживее само на регионалните собири. Преку 400 луѓе од Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, па дури и еден Скаузер од Ливерпул беа присутни во Скопје. Направија да имаме неверојатна дружба и да се потсетиме дека "Ливерпул е една голема фамилија" и "You'll never walk alone" не cе само празни флоскули, туку максими по кои се водат Црвените навивачи ширум светот, без разлика на националност, етникум, религија или било каква друга разлика.

Сите луѓе од соседните држави кои се вклучени во регионалните собири, кажаа дека од организациски аспект ова беше најдобро организираниот собир до сега. Оттука, едно огромно благодарам на целиот тим на BackYard Lounge Bar & Kids Area кој заврши неверојатна работа од средувањето на целиот простор, преку обезбедувањето на најголемиот видео бим на досегашните регионални собири, до одличната и брза услуга. На нив не гледам само како на место во кое го одржавмме собирот, туку како рамноправни коорганизатори кои преземаа ист товар за организирање на собиров како и фан клубот.

Големо фала за Fat Kitchen за превкусната храна која ја пофалија буквално сите присутни. Собирот немаше да биде толку весел, гласен и динамичен доколку немавме кој да се погрижи за атмосферата, па неизмерно фала за Beta House Band и Irie Scratch кои направија супер штимунг, вклучувајќи низа навивачки песни во своите сетови. Благодарност и до сите луѓе кои фотографираа и снимаа на настанот, луѓето кои ни помогнаа за продажба на мерчот и организирањето на лотаријата, благодарност до дизајнерите за дизајните на маичките и дуксерите, фала на сите новинари, медиуми и портали кои информираа за собирот, како и сите останати кои помогнаа во организирањето и реализацијата на собирот.

И вака би можел до утре, а сигурен сум ќе заборавам некому да се заблагодарам, Она што не смеам да го заборавам е да ви се заблагодарам на сите кои дојдовте, се дружевте и си поминавте убаво на собирот. Вие сте единствената причина за која 7 години по ред луѓе од 6 држави организираат вакви работи. Продолжете да одите на овие собири, продолжете да ширите позитивна порака, пријателство и љубов и мотивирајте ги сите оние кои се двоумат дали да отидат на следниот регионален собир - да го направат тоа.

Се гледаме следната година во Црна Гора. “

❤

Плус и хуманитарна акција имаа

Химната ја распалија како на Енфилд. 

28 октомври 2019 - 14:07