Зулте Варегем не е некое атрактивно фудбалско име на клуб, а нема ни историја со која може да се пофали. Најголемото достигнување им е освојување на втората позиција во белгијската прва лига и два освоени национални Купови.
Всушност зборуваме за клуб кој е формиран една година по освојувањето на последното Скудето на Лацио или во 2001-ва. Играат на стадионче со капацитет од 12.500 седишта, а се наоѓаат во Варегем, западна Белгија, град со 37,871 жители.
Но овие основни податоци за белгијскиот прволигаш, не им се важни на вистинските Лацијали, бидејќи тие не одат да ги гледаат нив, туку Лацио.
Италијанскиот прволигаш отпатува скроз растеретено на оваа средба, бидејќи тој заедно со Ница веќе го имаа обезбедено пласманот во нокаут фазата од Лига Европа.
Симоне Инѕаги ги остави во Рим речиси сите првотимци, како Имобиле, Луис Алберто, Милинковиќ Савиќ, Стракоша, Де Врај, Лулиќ, Раду и отпатува со втор тим и неколку младинци од Примавера.
Но ниту комбинираниот состав, ниту студот, а ниту решената ситуација во групата К, не беше пречка за неколку македонски Лацијали да се качат на авион и да заминат да ги бодрат.
Фудбалот создава пријателства, а така беше и сега во Варегем, каде меѓу навивачите на Лацио кои беа во бројка од околу 500, се најдоа и Лацијали од Lazio fans Macedonia (LFM) и Lazio Club Bruxelles 'Luigi Bigiarelli' кои се здружија на трибина.
Средбата им донесе 5 гола или поточно Зулте Варегем - Лацио 3:2, но резултатот од оваа средба нема важност, колку што има самата приказна во која се родија нови пријателства.